Стан од 83 квадратни метри во општина Центар е продаден по рекордна цена од 246.171 евро, односно 182.404 денари за квадратен метар, покажуваат податоците од најновиот Извештај на Регистарот на цени и закупнини, објавен од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН).
Во четвртиот квартал од 2025 година, најголем број продадени станови се евидентирани во општина Аеродром, каде што се реализирани 304 продажби. Најмногу продадени куќи, пак, има во општина Битола – вкупно 91, додека кај деловниот простор најголем обем на продажби е регистриран во општина Центар со 31 трансакција.
Кога станува збор за земјиштето, најмногу земјоделско земјиште и шуми се продадени во општина Куманово – 110, додека најголем број продажби на градежно земјиште се регистрирани во Ѓорче Петров – 43. Во истиот период се евидентирани и 194 продажби на гаражи во повеќе општини низ државата.
Во периодот од октомври до декември 2025 година, во Регистарот се запишани 1.004 новоизградени станови, што е за 159 повеќе во однос на третиот квартал. Дополнително, во Катастарот се заведени 27.522 листови за предбележување градба, што укажува на значителен број објекти кои се во фаза на изградба и допрва ќе се појават на пазарот.
Вкупно, во четвртиот квартал се регистрирани 9.283 трансакции со недвижности, што е за 964 повеќе во споредба со претходниот квартал. Од нив, 6.230 се купопродажби, а 3.053 се закупи. Продажбите сочинуваат 55% од сите трансакции, додека закупите учествуваат со 33%, што заедно претставува 88% од вкупниот пазар.
Најактивен месец бил декември со 3.274 трансакции, од кои 1.863 продажби. Најмногу закупи се регистрирани во октомври – 1.106, а најголем број продажби од инвеститор, односно новоградби, исто така во октомври – 416.
По општини, најмногу трансакции се реализирани во Центар (812), Аеродром (645), Штип (634), Карпош (472), Битола (415) и Гази Баба (410). На спротивниот крај се помалите општини, каде што бројот на трансакции е минимален, што, според Катастарот, укажува на голема нерамномерност и поделба на пазарот на недвижности.
Од вкупно 3.053 закупи, најголем дел се однесуваат на станови – 1.369, потоа следуваат деловните простори со 911, куќите со 399 и земјоделското земјиште и шумите со 257 закупи.
Според податоците на Народната банка, цените на недвижностите во четвртиот квартал од минатата година пораснале за 25 проценти на годишно ниво, продолжувајќи го трендот на силен раст забележан и во претходните квартали.
Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во ноември 2025 година биле издадени 304 одобренија за градење, што е зголемување од 16,9% во однос на истиот месец претходната година. Со нив е предвидена изградба на 761 стан, од кои најголем дел – 427 се во Скопскиот Регион.












