Дури 38 лица се повредени во стампедо што се случи синоќа, по полноќ, во ноќниот клуб „ВИП“ во Јелах, близу Тешањ во БиХ. Непознато лице фрлило солзавец во преполниот објект, што предизвикало паника кај гостите, кои се обиделе да избегаат.
Многумина пријавиле силно кашлање, печење во очите и тешкотии при дишењето. Неколку лица накратко изгубиле свест, а едно лице се здобило со сериозни повреди во метежот, пренесува порталот Crna-hronika.info.
View this post on Instagram
„Имаше толку многу луѓе. Сè се случи околу 00:30 часот. Луѓето се гушеа, беше застрашувачки. Високите маси паѓаа врз присутните млади луѓе. Неколку лица се сериозно повредени – многумина се здобија со скршеници на екстремитетите. Голем број беа префрлени во Зеница. Луѓето буквално се бореа за здив“, изјави еден сведок.
Лејла Екиновиќ, портпарол на Полициската управа при Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон, потврди дека полициски службеници веднаш биле упатени на местото на настанот, каде што започнале со евакуација, пружиле помош и извршиле увид. Известен е и надлежниот обвинител.
Според неофицијални информации, солзавецот бил фрлен низ прозорец од тоалетот, во близина на местото каде што наводно стоел сопственикот на клубот, што наведува на претпоставка дека тој можеби бил целта на нападот. Сепак, полицијата не ја потврди оваа информација. Оттаму додаваат дека продолжуваат со работа на расчистување на околностите и документирање на кривичното дело предизвикување општа опасност.












