Продолжува соработката меѓу Општина Кисела Вода, осумте општински основни училишта и општествено одговорните правни субјекти, која има цел да им обезбеди поддршка на децата од семејствата во социјален ризик.
Оваа соработка се реализира во рамките на проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој Општина Кисела Вода континуирано ќе го спроведува и во текот на учебната 2025/2026 година.
Од Општината соопштија дека во рамките на проектот, децата од социјален ризик имаат можност, без никаков паричен надоместок, да посетуваат настава по странски јазици, информатика и програмирање, како и да бидат вклучени во различни спортски активности.
– Воспоставена е соработка со 14 спортски клуба (кошарка, фудбал, карате, одбојка, ракомет, кик-бокс и џиу-џица), во кои во моментов тренираат 26 деца, како и со шест училишта за странски јазици, кои ги посетуваат деветмина ученици, и две училишта за информатика и програмирање со четворица ученици вклучени во наставата – информираат од Општина Кисела Вода.
Оттаму нагласуваат дека овие активности биле тема на денешната работна средба меѓу градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, претставниците на општинската администрација и директорите на општинските основни училишта, која, како што велат, претставува уште една потврда за континуираната заложба на Општината за унапредување и заштита на правата на децата.
– Остануваме целосно посветени на создавањето еднакви и подобри услови за образование и поголема достапност до современите образовни и спортски активности. Благодарни сме им на сите општествено одговорни правни субјекти, кои со својата поддршка и со својот ангажман се значаен партнер на Општина Кисела Вода во оваа важна мисија – изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.












