Со стабилен буџет, инвестиции и со најавени пониски провизии и камати, Владата и Народната банка најавуваат поодржлива и предвидлива економска година. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, велат дека одговорните финансиски политики и банкарските олеснувања ветуваат поголема економска сигурност за граѓаните
Македонија ја пречека 2026 година со стабилизирани јавни финансии и со зголемена економска сигурност, порача министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето новогодишно обраќање. Таа истакна дека изминатата година била обележана со одговорно управување, дисциплинирана фискална политика и со контрола на јавната потрошувачка, кои овозможиле стабилен буџет, зачувана ликвидност и зголемена доверба во финансискиот систем.
– Со одговорно управување, дисциплинирана фискална политика и со контрола на јавната потрошувачка, успеавме да ги стабилизираме јавните финансии. Го задржавме дефицитот под контрола, ја зачувавме ликвидноста на буџетот и ја зајакнавме довербата во финансискиот систем – истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката нагласи дека, паралелно со фискалната консолидација, државата инвестирала во здравството, образованието, инфраструктурата и во капитални проекти, со цел зајакнување на економијата и заштита на животниот стандард на граѓаните. Според неа, 2026 година ќе биде година на продолжување на одржливите политики, поддршка на економскиот раст и на создавање услови за нови инвестиции, со цел обезбедување стабилна и предвидлива иднина.
– Овие резултати не се случајни. Тие се плод на јасна визија, на тешки, но неопходни одлуки и на заедничка посветеност кон стабилноста и одржливоста. Годината ја пречекуваме со поголема сигурност. Следната година ќе биде поодржлива и постабилна, со продолжување на фискалната консолидација, поддршка на економскиот раст и со создавање услови за нови инвестиции. Нашата цел е стабилни јавни финансии, кои ќе бидат основа за подобар животен стандард и предвидлива иднина – рече министерката за финансии.
Во насока на подобрување на финансиските услови за граѓаните и за компаниите, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, рече дека иницијативите за намалување на банкарските провизии веќе даваат резултати, додека за каматните стапки рече дека се очекува натамошен надолен тренд.
Според него, по намалувањето на трошоците во платниот систем, банките започнале со значително пониски надоместоци за плаќањето, а дел од нив се откажале и од дел од сопствената заработка, особено во корист на малите и на средните претпријатија.
– Преку постојан дијалог со банките, а по претходно намалување на трошоците за банките за порамнување на плаќањето во платниот систем на Народната банка, банките пристапија кон позначително намалување на надоместоците за извршување на плаќањето. Според анализите, поголемите банки во најголем дел ја искористиле оваа заштеда во полза на клиентите преку пониски провизии, а дел од банките дополнително се откажале и од дел од сопствената заработка, со што ефектите се особено видливи кај малите и кај средните претпријатија – нагласи Славески.
Гувернерот најави и законски измени на Законот за платни системи, со кои ќе се унапреди платежната сметка со основни функции, овозможувајќи повеќе трансакции и дополнителна поволности за граѓаните, по фиксен месечен надоместок. Дополнително, се разгледува и воспоставувањето национална мрежа на банкомати, како решение што би можело да заживее во 2026 година.
– Со предложените измени, кои се доставени до Министерството за финансии, се укинуваат ограничувањата како што се забраната за дозволено пречекорување, неможноста за поседување друга сметка и ограничениот број трансакции. На овој начин, за мал фиксен месечен износ, граѓаните ќе може да вршат повеќе трансакции и да добијат дополнителни поволности, вклучително и можност за бесплатно подигање готовина од банкоматите на други банки, во ситуации кога нема расположлив банкомат или готовина кај нивната матична банка – појасни Славески.
Во однос на каматните стапки, гувернерот посочи дека веќе се забележува постепен надолен тренд, при што просечната каматна стапка за кредитите на домаќинствата изнесува околу 4,8 проценти, на ниво на европскиот просек. Со натамошна стабилизација на инфлацијата и поволни економски услови, се очекува дополнителен простор за нивно намалување.
Мобилното банкарство и картичките доминираат во платежните трансакции
Корисниците сè повеќе ги прифаќаат електронските и картичните плаќања, придонесувајќи кон натамошен развој на платежниот екосистем. Обемот и вредноста на платежните трансакции растат и во текот на третиот квартал од 2025 година. Дигиталните начини на плаќања и понатаму бележат особено брз раст, со што се потврдува сѐ поголемата дигитализација и модернизација на плаќањата.
Во однос на плаќањата со кредитни трансфери, во споредба со истиот период од минатата година, нивниот број е зголемен за 7,0%, а вредноста за 15,3%, што упатува на зголемена активност и поголеми износи по извршена трансакција.
Електронските плаќања преку дигиталните канали остварија динамичен годишен раст од 19,0% кај бројот и 29,3% кај вредноста. Од вкупниот број платежни трансакции иницирани по електронски пат, 71,8% се извршени преку мобилни апликации, што ја потврдува главната улога на мобилното банкарство во секојдневните плаќања.
Истовремено, плаќањата со платежни картички во трговијата и натаму растат, па и во третиот квартал од 2025 година, бројот на трансакции е зголемен за 9,9%, а нивната вредност за 12,4%. Раст од 9,9% е забележан кај плаќањата на физичките продажни места, како и кај купувањето преку интернет 9,3%, што укажува на поширока и почеста употреба на картичките преку сите продажни канали.
(С. Бл.)












