Агенцијата оценува дека банкарскиот сектор ќе остане стабилен и добро капитализиран, со историски ниско ниво на нефункционалните кредити, што ја зајакнува отпорноста на финансискиот систем. Истовремено, економијата покажува забрзан раст, поттикнат од јавните инвестиции и зголемената домашна побарувачка, при задржување на внимателниот фискален и монетарен пристап
Меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија на ниво ББ-, со стабилни изгледи, оценувајќи дека претпазливата монетарна политика, стабилниот девизен курс и континуираната фискална консолидација се клучни столбови на макроекономската стабилност.
Во извештајот се нагласува дека стабилноста на курсот на денарот останува приоритет на Народната банка, која во последниот квартал од 2025 година ја унапреди оперативната рамка на монетарната политика, со поголем фокус на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите пазарни операции.
– Овие промени овозможуваат поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки, без промена на основната поставеност на монетарната политика – наведува „Стандард и Пурс“, оценувајќи ја централната банка како клучен фактор за одржување на ценовната и на финансиската стабилност.
Агенцијата очекува да продолжат да се намалуваат инфлациските притисоци во 2026 година, поддржани од умереното движење на цените на храната, поволната споредбена основа и внимателниот монетарен пристап. Според оцените, Народната банка ќе продолжи со претпазливата политика, со цел зачувување на стабилноста на денарот во однос на еврото.
Позитивна е и оцената за банкарскиот сектор, кој, според извештајот, останува солиден и отпорен. Адекватноста на капиталот достигнува 19,5 %, додека нефункционалните кредити се на историски најниско ниво од 2,3 % од вкупните кредити, што ја потврдува стабилноста на финансискиот систем.
Од Министерството за финансии оценуваат дека потврдата на кредитниот рејтинг претставува силен сигнал за довербата во економските политики на Владата, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено да ги сервисира своите обврски, дури и во услови на глобална економска неизвесност.
„Стандард и Пурс“ нотира дека економскиот раст забрзува, поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во инфраструктурата, како и од растот на платите и на пензиите, што ја зајакнува домашната побарувачка. За 2026 година се очекува раст од околу 3,5 %, додека на среден рок економијата би се стабилизирала на стапка од околу 3 %.
Во извештајот се нагласува и определбата на Владата за фискална консолидација, при што со буџетот за 2026 година се предвидува намалување на буџетскиот дефицит на 3,5 % од БДП, со задржување на високото ниво на капитални инвестиции. Се очекува приходите да растат побрзо од расходите, благодарение на подобрената наплата и на солидната економска активност.
Агенцијата оценува дека иако јавниот долг останува повисок во однос на предпандемскиот период, фискалната консолидација е во тек, а надворешните ризици, особено од Европската Унија, се во голема мера балансирани со стабилноста на домашната економија и претпазливата монетарна политика.
„Стандард и Пурс“ додава дека натамошниот напредок во институционалните и во структурните реформи, особено во владеењето на правото и борбата против корупцијата, може дополнително да го подобри кредитниот профил на земјава.
Кредитниот рејтинг, кој се оценува двапати годишно од агенциите „Стандард и Пурс“ и „Фич“, останува клучен индикатор за инвеститорите за ризикот и за стабилноста на македонската економија.
(С. Бл.)












