Барањето на ССМ за зголемување на минималната плата е оправдано, потребно и одржано, базирано и на споредбите со другите земји, како и на економските и социјалните услови во Македонија, па оттука бараме Собранието и пратениците веднаш да пристапат кон законска процедура и тие да се одважат на нивото на задачата за што се избрани и да го прифатат предлогот на работниците, со што ќе биде овозможено, започнувајќи од платата за месец август 2025 година, работниците во државата да добиваат зголемена минимална плата како и зголемени плати поради порастот на минималната плата, објави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
„Потребен е вонреден пораст на минималната плата со кој таа ќе се зголеми на 500 евра, за да не се случи во Македонија да имаме најниско платени работници, а највисоко платени функционери во споредба со земјите во регионот и земјите од ЕУ. Да видиме кој е за, а кој е против работниците!“, објави тој.