ССМ бара раст на платите, а работодавачите сметаат дека малите претпријатија нема да го издржат тоа

68

На седницата на Економско-социјалниот совет, којашто е во тек, ќе се разговара за програмата за работа и за потрошувачките кошнички. Од Сојузот на синдикати пред почетокот на седницата најавија дека ќе го покренат прашањето за зголемувањето на минималната плата на 500 евра и за усогласување на останатите плати, односно нивно зголемување за 6.000 денари. Од останатите синдикати велат дека нема синдикат којшто не е за зголемување на платите, но дека треба да се види тоа да не предизвика потреси во инфлацијата. И од Организацијата на работодавачи со став дека во овој период на глобални случувања, треба да се биде внимателен.

 

 

Од ССМ изразија жалење што на дневен ред не е ставена точка за растот на платите затоа што податоците на Заводот за статистика покажуваат раст на цените на храната, а доколку платите не се зголемат пред локалните избори, тогаш работниците ќе останат со најниски плати во регионот.

– Вчера на прес-конференцијата кажавме четири причини поради кои сметаме дека платите мора да се зголемат уште денес. Се разбира дека Владата може да донесе одлука заедно со ССМ за растот на минималната плата на 500 евра и следствено на тоа и да се усогласат останатите плати согласно Законот за минимална плата. Тоа што сакам да го упатам како порака пред да влеземе на седницата на ЕСС, а што не загрижува, е тоа што по распишување на изборите, ќе нема можност ниту за зголемување на платите, ниту за потпишување на колективни договори, ниту за евентуален социјален дијалог по однос на тоа прашање, што значи дека додека не завршат изборите, работниците ќе останат извисени што значи дека работниците во Србија ќе земаат 500 евра минимална плата, а работниците во Македонија нема да добијат ништо, а ќе се бара од нив да заокружат бројче за некоја политичка партија, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Додаде дека ќе го покренат ова прашање на седницата, а доколку не се разговара за тоа, тогаш, вели седницата на ЕСС, е пропадната инвестиција.

 

 

– ССМ ќе побара една од првите точки да биде потребата од растот на платите. Мислам дека никој не треба да има против да разговараме за растот на платите, но ако разговараме само за активностите на ЕСС во 2024 година, за планот за оваа година и за владината кошничка или петте или не знам колкуте кошнички кои планираат да ни ги претстават денес и на таков начин да хранат граѓаните, мислам дека ЕСС ќе биде пропадната инвестиција, рече Трендафилов.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати, кои добија репрезентативност, велат дека се за зголемување на платите, но дека треба да се разгледа опцијата тоа да не предизвика други проблеми.

– Нема работник и синдикат којшто не сака поголема плата. Ако се отвори прашањето, тука сме да разговараме за се она што е базирано на факти и аргументи. Тука не треба да се сомневаат дека ќе имаат поддршка од наша страна ако покажат дека е потребно зголемување на минималната плата, но од друга страна да не предизвикаме потреси во инфлацијата бидејќи ако се зголеми инфлацијата, зголемувањето ќе го изеде инфлацијата, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Од Организацијата на работодавачи предупредуваат дека треба да се биде внимателен во овој период имајќи предвид за предвидувањата за економски раст во еврозоната и царините што ги воведува САД кон Европа.

– Она што сакам да го кажам дека секогаш зборуваме дека во овој период треба да бидеме малку повнимателни бидејќи зборуваме за намалена продуктивност, а малите и средните препритијатија не ќе може да го издржат растот на минималната плата, а ќе мора да ги поттикнат вредните и продуктивните работници. Треба да бидеме особено внимателни особено ако знаеме дека е предвидено економски раст од еден отсто во Европската унија и ако гледаме дека Америка воведува царини, а сето тоа директно или индиректно ќе се одрази на нашата економија, изјави претседателката на ОРМ Владанка Трајкоска.

ИЗДВОЕНИ