Српските менувачници останаа без евра, курсот тргна нагоре

68

Стравот од можни прекини во снабдувањето со гориво по затворањето на нафтената индустрија НИС и неизвесноста во економијата ги натераа српските граѓани да навалат во менувачниците и да се снабдат со евра како „безбедна“ валута. Тоа предизвика недостиг од евра во менувачниците во Србија и раст на курсот. Од неодамнешните 117, девизниот курс на динарот неодамна се качи на 118, а сега некои менувачници, кои имаат резерва, едно евро продаваат и за 120 динари.

Иако побарувачката на евра расте, а недостигот во менувачниците е сè поевидентен, експертите и Народната банка на Србија смируваат: не се работи за системско нарушување и курсот на динарот не е во опасност. Финансискиот експерт Владимир Васиќ истакнува за РТС дека е ова преодна фаза, условена, пред сè, од психолошки фактори, а не од реално нарушување на пазарот. Како една од причините за вознемиреноста на граѓаните, Васиќ наведува информации поврзани со НИС и со можните санкции, но нагласува дека оваа тема не претставува макроекономски ризик. Други експерти, исто така, смируваат, тврдејќи дека и покрај нарушувањето што се случи во последно време, нема опасност од појава на црн девизен пазар, ниту, пак, промената на курсот ќе влијае на кредитите.

Народната банка соопшти дека нема причина за загриженост, дека девизните резерви се на рекордно високо ниво и дека стабилноста на динарот е цврсто под контрола. Според НБС, во некои менувачници има исклучиво тековен недостиг на евра поради зголемената побарувачка на граѓаните за таа валута, на што „влијае и објавувањето на информациите во врска со НИС“. Централната банка истакнува и дека голем дел од барањето на граѓаните е стимулирано од одредени написи во медиумите и од објави на социјалните мрежи, кои, како што наведуваат, немаат рационална и реална основа и придонесуваат за ширење паника меѓу граѓаните.

Сепак, граѓаните прашуваат на социјалните мрежи зошто ако има доволно евра во државата, ги нема на пазарот. Истото прашање го постави и опозиционерот Драган Ѓилас, претседател на Партијата за слобода и правда.

– Денес размислуваме дали повторно ќе се најдеме во ситуација да купуваме гориво на улиците во канистери и шишиња „кока-кола“ и да ја слушаме легендарната „виза, виза“, затоа што на чело на државата го имаме најголемиот кукавица, вистински глушец што не смее да го прави она што мораше одамна да се направи: државата да го преземе управувањето со НИС – рече тој.

ИЗДВОЕНИ