Српските медиуми објавија нови информации за тешката сообраќајна несреќа што се случи рано утринава, околу 6 часот, на автопатот А1 кај населбата Умчари, во близина на Белград, во која животот го загубија две лица, а едно е тешко повредено.
Според нивните написи, патничкото возило излетало од коловозот и удрило во заштитната ограда. Како можна причина за несреќата се наведува замор кај возачот, односно сомнеж дека заспал зад воланот, но точните околности ќе бидат утврдени по завршување на истрагата.
Во возилото се наоѓале три лица. Двајцата патници починале на самото место, додека третиот патник, кој живее во Берлин, се здобил со тешки телесни повреди и е хоспитализиран во Ургентниот центар во Белград, каде што се наоѓа во критична состојба.
Надлежен судија издал наредба за вршење обдукција на починатите, како и за вештачење на возилото, со цел целосно да се утврдат причините за трагичната несреќа.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека добиле официјална потврда за несреќата, а повеќе информации најавуваат за утрешниот ден.












