„Сремушијадата“, која ја организира Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, годинава ќе се одржи на 19 април, но, како што вели претседателот на ова Здружение, Дејан Вељанов, сепак, ќе се следи вегетацијата, па во зависност од временските услови, одржувањето на настанот може да биде и порано.

– Во текот на настанот ќе се движиме од паркингот под манастирот „Свети Архангел Михаил“ над Кучевиште и нагоре, по царската патека, кон долната ливада, до царевата чешма, исто како лани. При движење по патеката, да се движиме во група според темпото на најбавниот учесник на турата, а не да бркаме олимписка норма, бидејќи сè уште движењето на планина не е влезено во олимписките норми – објаснува Вељанов.

Тој додава дека во интерес на сите рекреативци, Здружението ќе организира кратки тури од врвот Мало Рамно, на надморска височина од 1.510 метри, каде што има пократок и полесен пристап до ливадите на кои вегетира мечкиниот лук – сремуш.

Патеката од манастирот „Свети Архангел Михаил“ до царевата чешма е долга 12 километри, со висинска разлика од 700 метри, другите патеки околу пространиот Бањански Преслап се долги од 20 до 28 километри, со висинска разлика од 500 метри.

Дивиот лук расте на почетокот од пролетта. Оваа самоникната шумска билка Allium ursinum, позната и како сремуш, див лук и шумски лук, често се нарекува и мечкин лук, затоа што е вистински пролетен деликатес не само за луѓето туку и за мечките.

Се препознава по интензивниот мирис на лук. Тој е силен природен антибиотик, кој изобилува со витамин Ц, сулфурни соединенија и со бројни други лековити состојки. Во литературата за народна медицина се наведува дека е подобар дури и од лукот поради тоа што е самоникнат, не е третиран со пестициди, а е и полековит.

Дивиот лук содржи алицин, етерични масла, алисулфиди и полисахариди, а вкусните млади изданоци, од кои може да се направат салати, крем-супи, песто, ароматично масло, тинктури и слично, содржат од 20 до 50 милиграми витамин Ц и каротин. Содржат и вредни минерални соли.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ