Швајцарската скијачка и двократна олимписка шампионка, Мишел Гисин, се огласи на „Инстаграм“ првпат по сериозниот пад во текот на тренингот во спуст во Сент Мориц. Нејзината објава ги трогна многуте нејзини обожаватели и донесе доза оптимизам, и покрај сериозноста на повредите.

Со фотографија од болничкиот кревет, 32-годишната Гисин позираше со насмевка и со палецот нагоре, и покрај видливите последици од падот, кога го шина левото колено. Таа имаше завои на раката и на вратот. Во емотивна порака, таа им се заблагодари на медицинскиот персонал и на сите што ѝ помогнале.

  • Добивам толку многу љубов. Тешко е да се изрази колку сум благодарна. Имав голема среќа и сум среќна што сè уште можам да го движам целото тело – напиша Гисин.

Исто така, објави дека ќе оди на трета операција во текот на викендот, по што рече: „Единствениот пат е нагоре“.

Објавата следуваше по ужасниот пад на 11 декември, кога беше префрлена со хеликоптер во болница. Лекарите дијагностицираа повреди на нејзиниот цервикален ‘рбет и на десниот зглоб, кои веќе се успешно оперирани, како и руптури на предните вкрстени лигаменти и на медијалните колатерални лигаменти на левото колено. Поради сериозноста на повредите, нејзиниот настап до крајот на сезоната, како и на Зимските олимписки игри во 2026 година, е под прашалник.

Нејзините храброст и позитивен дух ги воодушевија нејзините следачи, кои ја преплавија објавата со пораки за поддршка. Стигнаа коментари како „Те сакаме, Мишел! Остани силна“ и „Ти посакуваме брзо закрепнување“ од обожавателите од целиот свет.

ИЗДВОЕНИ