СРЕЌЕН РОДЕНДЕН ВЕЧЕР – 62 години весник за урбани луѓе!

54

На денешен ден, пред 62 години, во печатницата на тогашното НИП „Нова Македонија”, излезе првиот вечерен дневен весник ВЕЧЕР, кој уште оттогаш, па до денес, го носи приматот весник за урбани луѓе. Единствен и препознатлив по својот стил, се бори со предизвиците и успева да опстои и во овие тешки денови, години за традиционалните медиуми.

Првично, весникот беше наменет за брзо, кусо и за јасно информирање за сето она што се случува кај нас и во светот. Првиот број на ВЕЧЕР беше отпечатен на 16 страници – половичен формат од стандардниот формат на „Нова Македонија”.

Во првиот број на ВЕЧЕР беа објавени 82 текста и 31 фотографија. Првата новинарска екипа броеше 35 вработени.

Основоположници на весникот беа: Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски.

Ексклузивната изјава на нобеловецот Иво Андриќ за првиот број на ВЕЧЕР: Со среќа!

„Со Среќа! Веста за земјотресот во Скопје ме стигна далеку од земјата и на малку чуден начин. Бев на север на Шведска, далеку над поларниот појас, во рударскиот центар во градот Курина. Попладнето ме повика на телефон тамошниот дописник на еден стокхолмски весник. Извинувајќи се, ми рече дека сака да разговара со мене за – Скопје. Бидејќи ништо не знаев за она што се случило, тој со големо внимание ми ги соопшти сите оние први и непотврдени вести. Бев толку поразен и толку збунет што не знаев што да му кажам. Пред да успеам да се соземам, почнав да добивам нови телефонски покани од други новинари.

Вестите беа страшни. Градот е срамнет со земја. Бројот на мртвите околу сто илјади. И слично. Настојував да им кажам што повеќе за Македонија и за нејзиниот главен град. Кога останав сам, веднаш помислив утре со првиот авион да се вратам во земјата. Тешка беше таа ноќ на  далечниот Север, полна со неизвесност и мачни мисли. Во сеќавањето постојано си ги претставував Скопје, неговите улици и најубавите згради во нив. Пред очи ми излегуваа редум лицата на моите другари скопски писатели. Се прашував што се случило со нив. Сè ми изгледаше како неподнослива загуба, како подмолен удар на судбината, која паѓа толку потешко колку што човек е подалеку од својата земја. Вистински кошмар.

Утредента добив телефонска врска со нашата амбасада во Стокхолм. Разговорот малку ме успокои. На враќање се задржав во Данска, во Копенхаген. Тука имав можност во нашата амбасада да се сретнам со дански писатели, новинари и уметници. Најмногу се зборуваше за Скопје. Настојувавме да им објасниме што значи за нас Македонија и нејзиниот главен град, какви сè културни напори вложи тој народ во ослободителната војна итн.

Морам да кажам дека сите луѓе, културни работници и новинари со кои доаѓав во допир во Шведска и Данска покажуваа големо сочувство, со внимание и разбирање слушаа податоци за Скопје и за неговите загуби и им даваа место во своите весници, на радиото итн. Сите сакаа да му помогнат на Скопје. И навистина помогнаа, морално и материјално. Сето тоа дејствуваше како олеснение во тие неколку мачни денови на враќање во земјатa“.

ИЗДВОЕНИ