вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Средното училиште „Коле Нехтенин“ ќе отвори реална компанија

Средното училиште „Коле Нехтенин“ ќе отвори реална компанија

29

Компанијата ќе биде посебен правен субјект, кој ќе остварува приход за училиштето и ќе биде од помош за компаниите, со оглед на фактот дека ќе работи за нив. Се очекува компанијата да почне со работа од оваа есен, согласно со вакви и слични примери во останатите региони

 

Штипското државно училиште „Коле Нехтенин“ ќе отвори училишна реална компанија. Ова го најави директорката на училиштето, Јованка Шалева.

Таа појасни дека компанијата ќе биде посебен правен субјект, кој ќе остварува приход за училиштето и ќе биде од помош за компаниите, со оглед на фактот дека ќе работи за нив.

Шалева посочи дека ова ќе биде од големо значење и за училиштето и за учениците, кои се едуцираат за електромашинска и угостителска струка. Во меѓувреме, во постапка е процесот на валидација.

– Ни беше потребен еден малку подолг период за да ја направиме правната трансформација на училиштето, но сега веќе се насочивме и кон целите на регионалниот центар, направивме функционални анализи. Во постапка е процесот на валидација и се движиме во насока на отворање на училишна реална компанија. Тоа значи дека училиштето ќе има своја компанија која ќе биде посебен правен субјект и која ќе остварува посебен приход, ќе може да ги понуди своите можности и да биде еден вид помош на компаниите, да земе работа од нив, да сработи нешто и да биде во функција како посебен приход на училиштето – изјави Шалева.

Таа додаде дека сите активности се на самиот почеток, но се очекува од оваа есен компанијата да почне со работа, согласно со вакви и слични примери во останатите региони.

ДСУ „Коле Нехтенин“ – Штип  прерасна во Регионален центар за средно стручно образование и е еден од осумте во државата.

ИЗДВОЕНИ