Михаела Ивановска, втора година во средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка, е првопласирана на единаесеттата „Ораторска вечер” што ја организира оваа воспитно-образовна институција, негувајќи ги богатството на пишаниот збор и говорништвото.
Второто место ѝ припадна на Ева Величковска, додека трета е Ана Велковска.
Трите најдобри оратори добија подароци и скромни награди од градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, како поттик да продолжат да го надградуваат својот талент и говорнички капацитет.
Младите упатија пораки дека се гласноговорници во светот во кој човекот, како што велат, е роб на моќта на парите, поради што ја губи душата. Свет во кој карактерот е порок, а младите се претвораат во генерација што не дише.
Според дел од говорниците, тие се на крстопат во животот во кој, еднаш засекогаш, треба да престане да се мери богатството со материјални добра, сè да се крои по чест и достоинство.
За организаторите, оваа ораторска вечер била исполнета со моќни зборови, чувства, емоции и тишина што говори, зашто, како што истакнаа, тоа е вечер кога зборот оживува, а тишината слуша.
Настанот се одржа во училишниот хол, а бројната публика уживаше во магијата на гласовите што допираа до нивните срца.
Новинари, професори и писатели беа дел од комисијата што ги оценуваше талентот, храброста и умешноста на говорништвото на учениците од различни образовни години, кои гласно говореа за корупцијата – рана на општеството, за желбата на младите да преовладува честа, за поривот на младоста за позитивни промени, за болката од загубата на блискиот, за оптимизмот на животот, за тивката болка на солзата – сведок на трнливиот пат во животот и симбол на надежта…












