Учениците, заедно со својот професор Никола Узунов, утврдиле дека е потребна интервенција на околу 190 клупи. Дел од нив ќе бидат санирани, а дел ќе бидат бојадисани со специјални заштитни средства за дрво.
– Во рамките на практичната настава, учениците ќе изработуваат нови дрвени подлоги со димензии како постојните, а ќе се врши и заштита на дрвените елементи од урбаната опрема – истакна Узунов
Средношколците од дрвопреработувачката струка при СОУ „Никола Карев“ од Струмица ќе учествуваат во санацијата и обновувањето на оштетените клупи во Градскиот парк и на повеќе локации во градот.
Заедно со својот професор Никола Узунов, учениците извршија мапирање на урбаната опрема, при што ги евидентираа клупите со уништена дрвена подлога или со дрвена подлога што недостига.
Според професорот Узунов, утврдено е дека е потребна интервенција на околу 190 клупи. Дел од нив ќе бидат санирани, а дел ќе бидат бојадисани со специјални заштитни средства за дрво.
– Во рамките на практичната настава, учениците ќе изработат нови дрвени подлоги со димензии како постојните, а ќе се направи и заштита на дрвените елементи од урбаната опрема – истакна Узунов.
Општина Струмица ќе обезбеди материјали за реализација на акцијата, кои учениците ќе ги обработуваат и бојосуваат во училишните работилници.
Градоначалникот Петар Јанков најави целосна поддршка за иницијативата, нагласувајќи дека ваквите активности се пример за општествена одговорност на младите.
– Ме радува желбата на учениците да придонесат за подобра слика на градот. Општината ќе ги обезбеди сите потребни материјали: бои, лакови, алат и дрвена граѓа – изјави Јанков.
Во акцијата ќе бидат вклучени околу 50 ученици од прва до четврта година, од образовниот профил техничари за мебел и ентериер.
Ова не е прв ангажман на учениците од оваа струка во корист на заедницата. Неодамна, под менторство на наставниците, тие изработија функционален мебел за Одделот за невропсихијатрија при Општата болница и за Казнено-поправната установа во Струмица, како и кујна за потребите на училиштето, а во изминатите години и шкафчиња за учениците во повеќе училишта.












