Венецуелскиот претседател Николас Мадуро отпеа дел од песната на Џон Ленон „Imagine“ за време на политичкиот митинг во неделата, велејќи им на поддржувачите да „направат сè за мир, како што говореше Џон Ленон“ и покажувајќи симбол на мир со двете раце, среде американскиот воен притисок и присуството во областа на Карибите и Латинска Америка.
Венецуелскиот лидер ја опиша песната како „химна на сите епохи и генерации“ и ги повика младите луѓе да го проучат нејзиниот текст, додавајќи дека пораката на Ленон е инспирација за сите времиња и ја нарече „подарок за човештвото“, објави Телеграф.
Venezuela's President Nicolás Maduro breaks into singing John Lennon's 'Imagine' as he talks about US tensions. pic.twitter.com/R270tpM5AF
— The Associated Press (@AP) November 16, 2025
Според британскиот весник, односите меѓу Мадуро и Доналд Трамп нагло се влошија од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател, поттикнати од обвинувањата на САД дека венецуелската влада е соучесничка во трговијата со дрога во САД. Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатата недела изјави дека новата мисија, со кодно име Операција Јужно Копје, ќе ги отстрани „наркотерористите од нашата хемисфера“.
Трамп, исто така, наводно покажал интерес за огромните нафтени резерви на Венецуела. Венецуелските власти, обидувајќи се да избегнат конфликт, претходно оваа година ѝ понудија на администрацијата на Трамп доминантен удел во нафтените и другите минерални ресурси на земјата, што американската страна го отфрли во октомври, пишува Телеграф.












