Говорот на телата ги издаде – Путин слета на Алјаска и веднаш му кажа на Трамп кој е главен

1541

Експертите за говор на тело велат дека гестикулацијата на двајцата лидери уште на аеродромот кажала повеќе од дипломатските зборови. Тие се единствени дека говорот на телата на Трамп и Путин сугерира дека се среќни што се сретнуваат, но начинот на кој се поздравуваат и ставот во кој стојат или седат на аеродромот и на прес-конференцијата укажува на тоа дека Русинот е во предност

Средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска минатиот петок разочара малкумина, а на многумина им потврди дека се во право кога мислат дека до мир во Украина нема да се дојде лесно, а најмалку по една средба на светските лидери. Но, за експертите за говор на тело уште првата средба на претседателите на аеродромот во воената база Елемендорф-Ричардсон близу Енкориџ кажала многу. Нивните тела биле „погласни“ од дипломатските зборови.
Анализирајќи ги снимките, експертот за говор на тело, Пати Ан Вуд, констатира дека ракувањето меѓу Трамп и Путин имало неочекувано топла нота, но открило јасни симболи на моќ. Таа забележува дека Трамп ја подал дланката со внатрешниот дел нагоре, дозволувајќи му на Путин својата дланка да ја спушти врз неа. Тоа, според Вуд е сигнал дека Трамп го гледа Путин како подоминантна фигура во интеракцијата. Друга нејзина анализа го истакнува гестот на Трамп со повлекување на раката на Путин и тапкање по грбот како класичен „потег на алфа мажјак“. Сепак, Путин возврати со суптилна позиција на тупаница нагоре, што дополнително ја нагласи неговата контрола врз ситуацијата.
И експертот за говор на телото, Инбал Хонигман, ја нагласи доминантноста на Путин, анализирајќи го тоа што се случи на црвениот тепих на аеродромот. Таа вели дека има знаци веднаш под површината што сугерираат дека рускиот лидер е подоминантен.
– Пред сè, раката на рускиот претседател е горе. Неговата дланка ја допира раката на американскиот претседател на топол, но цврст, близок начин, што укажува дека двајцата се задоволни што се гледаат. Но, раката на Трамп е долу. Второ, подигнатиот показалец на Путин е уште еден знак на доминација. Привлекува внимание. Ова не е прст подигнат од лутина или недоверба. Всушност, во гестот на Путин има пријателство. Додека го крева показалецот, останатите прсти се свиткани, но не се стегнати во тупаница и висат лабаво. Се чини дека му верува на Трамп. Трето, главата на Трамп е навалена настрана, додека на Путин е исправена. Навалената глава на американскиот претседател го открива неговото уво, што е показател за неговата подготвеност да слуша. Значајно е што Путин гледа право напред. Тој не е тука да слуша, туку да зборува – објасни Хонигман додавајќи дека и двајцата лидери имале намера да се согласат, зашто покажале искрени, координирани насмевки, сугерирајќи дека се среќни што се сретнале.
Анализа на говорот на телото на двајцата претседатели направи и експертот Дарен Стентон, кој констатира дека гестикулацијата на Трамп упатува на моќ. Тој изјави за „Мирор“ дека се чинело дека Трамп при средбата се потрудил да го избегне своето познато „агресивно ракување“,кога го повлекува кон себе другиот политичар.
– Уште при првото ракување, ситуацијата беше индикативна. Путин беше првиот што ја подаде раката, покажувајќи ентузијазам и посветеност на состанокот. Сепак, дури пет „допирање со рака“ беа снимени во самото ракување, детаљ што ја открива динамиката на моќта, толкува експертот за говор на тело Петер Колет.
Според него, кога лидерите седеа пред камерите, доминацијата на Путин била појасна. Неговата поширока положба на нозете, позната како „машка ширина“, според него сигнализирала поголема контрола.
– Мажите со висока доминација често ги рашируваат нозете кога седат, што ја покажува неговата супериорност, забележува Колет и додава дека за време на прес-конференцијата, Путин дополнително ја нагласил својата доминација со исправената положба на телото, додека Трамп беше згрбавен и свиткан нанапред, позиција што, според Колет, укажува дека го мачат грижи и притисоци.
Наспроти сè, и Колет смета дека насмевките на двајцата лидери биле природни, бидејќи биле опфатени обете страни на лицето, вклучувајќи ги и мускулите околу очите, што е знак за вистинско задоволство. Тој го толкува самитот во Алјаска како игра на моќ и ретка можност да се види како телото го кажува она што зборовите не можат.
РАМКА:
Н: По средбата Трамп – Путнин, средба Трамп – Путин-Зеленски во Европа?
Европските дипломати добија инструкции од нивните американски колеги да бидат подготвени и за евентуална трилатерална средба меѓу Доналд Трамп, Володимир Зеленски и Владимир Путин, која би можела да се одржи оваа недела, во зависност од исходот од синоќешните разговори Трамп – Зеленски во Белата куќа во која се вклучени и група европски челници, дознава „Скај њуз“.
Според договорот на американските и европските сојузници, средбата треба да се одржи на европско тло, освен ако не дојде до ненадејни промени во последен момент. Италијанската премиерка Џорџија Мелони го предлага Рим, а францускиот претседател Емануел Макрон е за Женева. Според неофицијални информации, Зеленски и Трамп го претпочитаат Рим, особено Ватикан, додека Путин е наклонет кон Женева. Во меѓувреме, дипломатите на Европската Унија разгледуваат и алтернативни локации, меѓу кои и Будимпешта и Хелсинки.

ИЗДВОЕНИ