Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека му наложил на својот специјален претставник Стив Виткоф да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва за да разговараат за „само неколку преостанати точки на несогласување“ меѓу Русите и Украинците.
Трамп рече дека во исто време, секретарот на армијата Ден Дрискол ќе се сретне со Украинците, по што се надева дека ќе следи неговата средба со Путин и Зеленски, што ќе се случи кога ќе се усогласи договорот, пренесува СиЕнЕн.
„Се радувам и се надевам на средба со претседателот Зеленски и претседателот Путин наскоро, но само кога договорот за завршување на оваа војна ќе биде конечен или во завршна фаза“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth social.
Во исто време, секретарот на армијата на САД Ден Дрискол ќе се сретне и со украински претставници за да го финализира мировниот план за Украина.
„Ќе бидам информиран за секој напредок, заедно со потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио, секретарот за војна Пит Хегсет и шефот на кабинетот на Белата куќа Сузи Вајлс“, напиша Трамп.
Американскиот претседател го истакна „огромниот напредок“ што неговиот тим го постигна во текот на изминатата недела, истакнувајќи дека „оригиналниот мировен план од 28 точки, изготвен од Соединетите Американски Држави, беше прилагоден со дополнителен придонес од двете страни и дека остануваат само неколку точки на несогласување“.












