Грузискиот борач Јакоб Каџаја е суспендиран на две години поради пропуштен допинг тест, објави Меѓународната антидопинг агенција. Според антидопинг правилата, спортистите мора да ја наведат адресата на која може да бидат затечени секој ден за да дадат примерок во текот на ненајавената допинг контрола.
- Не можеше да се лоцира спортистот врз основа на информациите за местоположбата што ги даде – се вели во соопштението на Меѓународната агенција за тестирање.
Неговата суспензија истекува во април 2027 година, а неговите резултати од минатата година беа избришани од антидопинг трибуналот на Арбитражниот суд за спорт. Каџаја може да поднесе жалба против таа одлука.
Во 2021 година, тој освои сребро на Олимписките игри во Токио, во грчко-римски стил, во категоријата до 130 килограми. Не учествуваше на минатогодишните Игри во Париз, а во Рио де Жанеиро, во 2016 година, беше седми.