Славејот од Струга најавува дека публиката во наредниот зимско-ранопролетен период ќе биде сведок на низа нови мелодии, видеоспотови и на интересна музичка соработка, кои целосно ќе го збогатат неговиот пејачки опус. Сега-засега, „Една солза“ е доволна за таа премиерна виулица од нови песни
Еден од најпопуларните домашни фолк-пејачи со бисерен глас, Наум Петрески, деновиве има нова песна, како празничен подарок за сите свои обожаватели. Иако е со тажен наслов, песната „Една солза“ не е за плачење, ниту за оплакување. Тоа е само една специфична емотивна фолк-балада што ќе го освои срцето на публиката.
– Мене ми го освои срцето при првото слушање. Ја снимив верувајќи дека, исто така, ќе ги освои и срцата на слушателите во Македонија – искрено вели Наум.
Песната носи длабока љубовна приказна, а комплетен автор е Јован Василевски, со кого Петрески години наназад плодно соработува. Токму затоа, како тандем, и со „Една солза“ продолжуваат да ги уриваат сите рекорди, и со слушаноста и со квалитетниот уметнички израз. За пеењето на Наум да не зборуваме, тоа е надвор од секоја дискусија. Пред неговиот глас, како што велат, и боговите молчат. „Една солза“ е водено и најава за месеците што доаѓаат, а ќе бидат исполнети со интензивна креативна работа на новиот албум.
Наум Петрески најавува дека публиката во наредниот зимско-ранопролетен период ќе биде сведок на низа нови мелодии, видеоспотови и на интересна музичка соработка, кои целосно ќе го збогатат неговиот пејачки опус. Сега-засега, „Една солза“ е доволна за таа премиерна виулица од нови песни, за кои не се сомневаме дека ќе си го најдат патот до обожавателите, по примерот на хитовите „Жал за Деспина“ и „Кажи, ѕвездо“. (Д. М.)












