Дваесет и тригодишниот М. Ј., српски државјанин, е повреден во пожарот што избувнал на новогодишната ноќ во бар во скијачкиот центар Кран-Монтана во Швајцарија, дознава српски Курир.
Во страотната трагедија на новогодишната ноќ, 47 лица го загубија животот, а 115 се повредени во популарниот бар „Ле Констелашн“ по пожар што најверојатно избувнал поради пиротехнички средства што се активирале во барот.
„М. Ј. бил во барот во ски-центарот на новогодишната ноќ, но буквално бил спасен со тоа што излегол на терасата на клубот. Имено, сакал да запали цигара и излегол надвор. Бел на терасата кога внатре избувнал пожарот. Следело стампедо“, изјавил за Курир еден од семејните познаници на М. Ј., додавајќи:
„Пламенот го зафатил, поточно, двете раце му беа изгорени! Има изгореници на рацете, но фала му на Бога неговиот живот не е во опасност. Буквално бил спасен со тоа што излегол надвор. Неверојатна судбина. Фала му на Бога што успеал да излезе жив во таа толпа и хаос“, рекол тој.
Како што додава соговорникот, М. Ј. има сестра и родители со кои живее од раѓање во Швајцарија.
„Тие доаѓаат во селото во лето или повремено. Таткото на М. Ј. е прекрасен и добар човек, тие средија куќа тука во селото и изградија работилница. Неговиот план е да се врати кога ќе се пензионира“, рекол познаникот на М.Ј.
Тој додаде дека сè уште се трага по Србинот Стефан Ивановиќ (30), кој таа вечер работел како обезбедувач во барот. Ивановиќ и повредениот М.Ј. се од истото село во Србија.












