Властите во Србија и руската државна корпорација Росатом започнаа преговори околу проект за подигнување на атомска централа во Србија, изјави српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ, за „Известија“.
Бабиќ за руската „Известија“ изјави дека „се водат сериозни разговори со „Росатом“.
“Мислам дека има подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Дефинитивно ќе го направиме тоа”, рече Бабиќ.
Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година.
Порталот Biznis.rs потсетува дека во ноември 2024 година, српскиот Парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи, кој беше на сила од 1989 година, по несреќата во Чернобил.
Белград во моментов бира партнер за овој стратешки проект, а покрај Русија, според руските медиуми, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Во септември оваа година, Владата на Србија потпиша два меморандуми за соработка со јужнокорејската компанија KHNP, додека француската EDF беше ангажирана да спроведе студија за потенцијалот на атомската енергија во земјата.
Според „Известија“, која пренесува изјави на аналитичари, понудата на „Росатом“ се смета за најповолна бидејќи ги опфаќа сите сегменти – од проектирање и градење, преку набавка на нуклеарно гориво, до сервисирање и отстранување на отпад. Како можни варијанти, како што се вели, се разгледува голема електрана со два реактори VVER-1200 или помали модули од типовите RITM-200 и RITM-400.