Снежното невреме што ја зафати Србија предизвика колапс на сообраќајот на повеќето патишта во земјата од утрово, вклучувајќи го и Белград, каде што јавниот превоз е во прекин во некои делови, а повеќето улици не се расчистени. Вонредна состојба е прогласена во Осечина, Лозница, Владимирци, Крупањ, дел од територијата на Пријепоље и во Мали Зворник, додека проблемите со снабдувањето со електрична енергија се најизразени во Колубара, Мачва и делови од административниот округ Златибор.
Српскиот Авто-мото сојуз (АМСС) ги предупредува возачите на зимските услови и мразот на сите патишта и ги повикува да тргнат подготвени, со полни резервоари и зимски гуми.
Можни се почести застои, лизгање и излетување од патот и почести сообраќајни несреќи, соопшти АМСС. Може да се очекува зголемен број возила во градовите. Забрани за камиони и приколки се во сила на неколку патишта, а како што велат, нема возила што се задржуваат на патарините или граничните премини.
Како што објавува РТС, сообраќајот се одвива отежнато на повеќето патишта, со забрани за товарни возила во Заечар, Ваљево, Пожега, Ужице, Нови Пазар, Ивањица и Крушевац, додека јавниот превоз е променет во некои делови од Белград. Надлежните органи апелираат на внимателно возење и употреба на зимска опрема додека не се стабилизираат временските услови. Околу 10 до 20 сантиметри снег наврнаа во подрачјето на Нови Пазар. Сите патишта од прв и втор приоритет се проодни, со предупредување дека сè уште има влажен снег на коловозот. Во тек е чистење на патиштата од трет приоритет.












