По Русија, Србија би можела да стане првата земја каде што пациентите ќе добиваат персонализирана mRNA-вакцина против онколошки заболувања, изјави за РТС Ненад Поповиќ, министер без ресор во Владата на Србија, задолжен за меѓународна економска соработка.
– Планирано е нашите пациенти да можат да ја примат оваа вакцина следната година, веднаш по руските пациенти – рече тој.
Во Србија, формирана е работна група што ќе ги подготви инфраструктурата и медицинскиот персонал, а до крајот на годината, делегација од српски експерти по медицина, микробиологија и Институтот „Торлак“ ќе престојуваат во Москва. Таму ќе се запознаат со целиот процес – од земање генетски профил до производство на персонализирана вакцина.
– Сакаме поголемиот дел од дијагностиката да се прави во Србија, а самата вакцина да пристигне од Русија со ладен транспорт, како што беше случајот во текот на пандемијата на ковид – рече Поповиќ, додавајќи дека до крајот на 2026 година вакцината би можела да се произведува и во Србија, во Институтот „Торлак“.
Вакцината против онколошки заболувања развиена во Русија пред години ги поминала сите фази на тестирање врз животни, при што, како што истакнува Поповиќ, е постигнат стоотстотен успех. Се очекува во наредните недели руското Министерство за здравство да ја одобри нејзината употреба кај пациенти. Вакцината моментално е наменета за третман на меланом и на одредени видови рак на белите дробови, но се развиваат повеќе варијанти за други форми на рак. Станува збор за персонализирана терапија што се прави индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот генетски профил.
– Генетскиот материјал на пациентот се зема и се комбинира со ткивото во кое се развил туморот. Со помош на најновите математички модели и на вештачката интелигенција, вакцината наменета за тој конкретен пациент се добива во рок од само седум дена – објасни Поповиќ.
Според руските академици што дојдоа во Србија, вакцината покажала извонредни резултати дури и кај пациенти во напредна фаза на болеста, вклучувајќи и метастази.
– Претходно, ваквите процеси траеја шест месеци, а сега, благодарение на новите технологии, од дијагнозата до примањето на вакцината поминуваат само неколку недели – додаде Поповиќ.