
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека утре, среда, 17 декември, нема да присуствува на самитот на ЕУ за Западен Балкан свикан од претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, пренесе „Бета“.
„За прв пат по 13 или 14 години, нема да одам, никој нема да биде во име на Република Србија. Јас донесов таква одлука, не сакам владата да трпи никаков притисок“, изјави Вучиќ за РТС.
Тој додаде дека разговарал со повеќето европски лидери и дека е благодарен за почитта што ѝ е покажана на Србија.
„Разговарав со најголем број европски лидери во последните 24 часа. Бесконечно сум благодарен за почитта што ја покажаа Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон“, рече Вучиќ.











