Косовскиот филм „Срам и пари“, во режија на Висар Морина, каде што Македонија е копродуцент, ја освои Големата награда на жирито во интернационалната програма на Филмскиот фестивал „Санденс“, што се одржа во Јута, САД, а остварувањето „Мајка вештерка“, во режија на Минос Папас, копродукција меѓу Кипар, Македонија, Канада и САД, на 3 февруари, пак, ќе биде прикажано во официјална селекција на годинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, кое се одржува до 8 февруари. Македонски ко-продуцент на „Срам и пари“ е Марија Димитрова со „Лист продукција“ од Скопје, а на „Мајка вештерка“ – Дарко Попов со „Фокус Покус“ продукција
Косовскиот филм „Срам и пари“ (Shame and Money) во режија на Висар Морина, каде што Македонија е копродуцент, ја освои Големата награда на жирито во интернационалната програма (World Cinema Grand Jury Prize: Dramatic) на годинашното издание на Филмскиот фестивал „Санденс“, што се одржа од 22 до 31 јанаури во Јута, САД.
Филмот ја следи приказната на Хатиџе и Шабан, брачен пар во своите 40-ти години, кои со своето пошироко семејство живеат на фарма во рурално Косово. По семејниот спор, начинот за нивна егзистенција на село е оневозможен, а тие се принудени да се преселат во Приштина. Соочени со притисокот да најдат работа и место за престој за да можат да се грижат за своето семејство, за Хатиџе и Шабан започнува истоштувачко патување низ суровото хиперкапиталистичко општество.
Главните улоги во филмот ги играат Астрит Кабаши, Флоња Кодели, Кумрије Хоџа, Фиона Главица и Албан Укај, а сценариото е на режисерот Морина и на Дорунтина Баша.

„Срам и пари“ е копродукција помеѓу Германија, Косово, Словенија, Албанија, Македонија и Белгија, а продуценти, покрај режисерот, се и Фабијан Алтенрид, Софи Аренс, Кристоф Герега, Пија Хелентал. Македонски копродуцент е Марија Димитрова со „Лист продукција“ од Скопје, а со поддршка од македонската Агенција за филм.
Покрај Марија Димитрова, македонската екипа ја сочинуваат и актерите Теута Ајдини и Рефет Абази, тон-мајсторот Игор Поповски, микроманот Дарко Бошковски, мајсторот на светло, Костадин Дончев, мајсторот на сцена, Трајче Величковски, и координаторот на продукција, Александар Атанасов.
„Срам и пари“ беше дел од натпреварувачката категорија „World Cinema Dramatic Competition” на фестивалот „Санденс“ за 2026, кој оваа година за последен пат се одржа во Парк Сити во Јута, пред да биде преселен во Болдер, Колорадо, каде што ќе се одржува од идната година.
Филмот се најде и на листите за најдобрите филмови на фестивалот „Санденс“ за 2026 година, според „Холивуд репортер“ и „Варајати“, а доби и голем број позитивни критики во останатите гласила за филм.
Инаку, Висар Морина е роден во 1979 година во Приштина, Косово. Тој е режисер и писател, познат и по филмовите „Егзил“ (2020) и „Татко“ (2015).
Од македонските копродукции, уште еден филм деновиве постигна меѓународен успех. Станува збор за филмот „Мајка вештерка“, во режија на Минос Папас, копродукција меѓу Кипар, Македонија, Канада и САД, кој на 3 февруари ќе биде прикажан во официјална селекција на годинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.

Македонски копродуцент е Дарко Попов со продукциската куќа „Фокус Покус“.
Дејството на филмот се случува на Кипар, во 1882 година. Селото е под британска окупација, а Елени, сликарка која се стекнала со образование на француски јазик, шета низ селото со своите три деца, собирајќи цвеќиња за од нив да направи пигменти. Додека децата си играат во урнатините на стара црква, се случува несреќа во која тие загинуваат од уривање на ѕид. Жигосана и проколната од селаните, Елени се повлекува и ги пали своите слики и детските играчки. Нејзината изолација ја прекинува Михалакис, чувствително момче злоупотребено од неговиот насилен татко, кој е воодушевен од нејзината уметност, но Елени го вовлекува во забранет ритуал вкоренет во традицијата за кој верува дека може да ги врати нејзините деца…
Црпејќи инспирација од фолклорот на неговиот роден Кипар, песочните куќи и пејзажи обоени од сонцето, режисерот Папас раскажува слоевита приказна за тагата и за искупувањето што се провлекува низ митовите и историјата, христијанството и паганството, како и низ теророт и сочувството.
Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, Холандија, годинава се одржува од 29 јануари до 8 февруари.











