Во средното училиште „Јосип Броз Тито“ се поставени нови спортски реквизити на отворено.
Од Град Скопје информираат дека овие реквизити се можност за дополнителна физичка активност и рекреација за учениците во текот на училишниот ден.
-Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста за поттикнување здрав начин на живот кај младите преку подобрување на спортската инфраструктура во скопските средни училишта, со вложување во безбедни и корисни простори за спорт, рекреација и дружење. Со спортските реквизити дизајнирани за безбедна и функционална секојдневна употреба, им се овозможува дополнителна содржина на средношколците во рамките на училишните спортски активности – наведуваат градските власти.
Воедно, во средното училиште на Град Скопје „Зеф Љуш Марку“ се реконструирани спортските терени, со цел создавање поквалитетни услови за спроведување на наставата по физичко образование и подобрување на инфраструктурата за спорт и рекреација за нашите средношколци.
-Во рамки на градежните работи комплетно се реконструирани атлетската стаза, теренот за кошарка и теренот за одбојка, прилагодени за потребите на учениците и наставниот кадар, со што Град Скопје континуирано ги унапредува условите за одвивање на наставниот процес во скопските средни училишта – велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека со реализацијата на овие активности се создадени современи, безбедни и функционални услови за изведување на наставата по физичко образование, како и за организирање на дополнителни спортски и рекреативни активности за учениците, што воедно придонесува за подобрување на нивниот севкупен развој и благосостојба.