Спектакуларна церемонија во Верона ја спушти завесата на 25. Зимски олимписки игри, кои се одржаа во Милано и Кортина. Една од поинтересните теми со кои се занимаваа медиумите за време на Игрите беше заработката на ѕвездите кои настапија на ЗОИ 2026.
Факт е дека најуспешните натпреварувачи во скијање, лизгање, хокеј и други зимски спортови заработуваат многу помалку од познатите фудбалери, тенисери или кошаркари – но некои, сепак, успеаја да ги искористат својот успех и слава за да заработат огромни суми пари.
Далеку најплатена е Ајлин Гу, девојката која ѝ донесе на Кина два сребрени и еден златен медал во скијање во слободен стил. Ајлин има само 22 години и е најодликуваната скијачка во слободен стил, во историјата. На 18 години, таа стана најмладата олимписка шампионка во слободен стил скијање и првата скијачка во слободен стил што освоила три медали на една Олимпијада (ЗОИ 2022 во Пекинг).
Родена е во 2003 година во Сан Франциско. Оваа неверојатна девојка е студентка по квантна физика на престижниот универзитет „Стенфорд“. Интересно е што Ајлин е и една од најбогатите спортистки на планетата. Само минатата година заработила околу 23 милиони долари. Потпишала договор со „Ај-ем-џи моделс“, една од најголемите агенции за модели на планетата, и е заштитно лице на бројни светски познати трговски марки, како што се „ред бул“, „порше“…
Иако е родена и израсната во Америка, пред неколку години одлучила да настапува под знамето на Кина и на тој начин предизвикала огромен гнев кај Американците. Поради нејзината одлука, во една прилика била и физички нападната.
„Бев повикана во полиција. Добив и закани со смрт, мојата соба на кампусот беше ограбена. Поминав низ работи што 22-годишник никогаш не треба да ги доживее“, открила таа во едно интервју.
На второто место е хокеарот Остин Метјуз, кој освои златен медал со репрезентацијата на Соединетите Американски Држави. Американецот заработува околу 20 милиони долари.
На третото место е најпознатата скијачка на планетата, легендарната Линдзи Вон, која доживеа ужасен пад на Зимските олимписки игри. Линдзи заработува околу осум милиони долари годишно.
На четвртото место е шампионката во сноубординг, Американката Клое Ким со четири милиони долари, додека неверојатниот американски натпреварувач во уметничко лизгање, Илија Малинин, стигна до годишна заработувачка од 700.000 долари.












