Според најновата проценка на Светска банка: Обновата на Сирија ќе чини повеќе од 216 милијарди долари

23

Цената за обнова на Сирија по 13 години војна би можела да надмине 216 милијарди долари, процени денес Светската банка (СБ).

„Предизвиците што претстојат се огромни, но Светската банка е подготвена да соработува со сирискиот народ и меѓународната заедница за да ја поддржи обновата и реконструкцијата“, рече Жан-Кристоф Каре, директор на Одделот за Блискиот Исток на Светската банка, пренсе „Бета“.

Според извештајот на СБ, „цената за обнова се проценува на повеќе од 216 милијарди долари (или 186 милијарди евра) по повеќе од 13 години конфликт што ја опустоши сириската економија, при што реалниот бруто домашен производ (БДП) се намали за речиси 53 проценти од 2010 до 2022 година“.

Реконструкцијата е еден од главните предизвици за новите лидери на Сирија, кои ја презедоа власта во декември 2024 година по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад.

Новата влада во Дамаск веќе потпиша инвестициски договори со неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар и Турција.

Северниот регион Алепо, областа Дамаск и покраината Хомс во централна Сирија се најтешко погодени од уништувањето, се вели во извештајот.

„Меѓу оценетите категории, инфраструктурата беше најпогодена, со 48 проценти од вкупната штета, проследена од станбени и нестанбени згради“, се додава во извештајот.

Светската банка проценува дека трошоците за реконструкција ќе бидат десет пати повисоки од проектираниот БДП на Сирија за 2024 година.

Сирискиот министер за финансии Мохамед Барние рече дека извештајот дава „важна основа за проценка на обемот на масовното уништување и трошоците за реконструкција што претстојат“.

„Денес, повеќе од кога било, е императив меѓународната заедница да ја мобилизира својата поддршка и партнерства за да ѝ помогне на Сирија“, додаде министерот, кој присуствуваше на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Вашингтон минатата недела.

Задушувањето на граѓанското востание од страна на Асад во 2011 година ескалираше во граѓанска војна во која загинаа повеќе од 500.000 луѓе, расели милиони други внатрешно и ја остави земјата значително фрагментирана.

ИЗДВОЕНИ