Иако кралот Чарлс е на тронот малку повеќе од три години, Бакингемската палата го имала планот за неговиот погреб, наречен „Операција Менаи бриџ“, уште кога била жива кралицата Елизабета. Тоа го налага протоколот, а приказната за тој план е „активирана“ на почетокот од минатата година, кога откри кралот дека има рак. Иако палатата не потврдува, според извори на „Телеграф“, во сценариото за погребот на кралот се вклучени и Хари и неговата сопруга, Меган Маркл, како и нивните две деца – Арчи и Лилибет
Познато е дека Бакингемската палата не ѝ остава ништо на случајноста, па деталите од планот за погребот на кралот Чарлс, независно од болеста што ја има сега, се разработуваат уште од денот кога почина неговата мајка, кралицата Елизабета.
Планот од стотини страници оттогаш редовно се вади од фиока и се ажурира, а тоа претходно се практикувало и за неговата мајка и за другите носители на круната. Планот, или програмата, е со кодно име „Менаи бриџ“, според првиот железен висечки мост на светот, изграден во 1826 година, во Англесија во Велс. Иако кралот Чарлс е на тронот малку повеќе од три години, Бакингемската палата го имала планот за неговиот погреб, наречен „Операција Менаи бриџ“, уште кога била жива кралицата Елизабета. Тоа го налага протоколот, а приказната за тој план е „активирана“ на почетокот од минатата година, кога откри кралот дека има рак. Тој веднаш почна со терапија и, ако може да се верува во тоа што се соопштува, успешно закрепнува.
Програмата „Менаи бриџ“ ќе се активира во моментот кога ќе биде објавена смртта на Чарлс, а вклучува подготовки и настани во деновите што следуваат. Едноставно, не се остава простор за никакво изненадување. Операцијата би траела девет-десет дена помалку од тоа што претходно сакал Чарлс и би била во согласност со еколошките правила, бидејќи е познато колку се залага тој за зачувување на животната средина. Ги вклучува објавувањето на смртта, периодот на официјална жалост и сите детали за државниот погреб. Во тој период, мора да се почитуваат строги правила што важат за целата нација.
Истиот ден кога ќе почине Чарлс и ќе почне да се спроведува планот, неговиот постар син, принцот Вилијам, ќе биде прогласен за крал. А дали новиот крал ќе му ја врати титулата кралско величество на својот брат, Хари, која тој ја загуби откако се откажа од дворските должности, останува да се види.
Познато е дека односите во британското кралско семејство се нарушени веќе пет години и никој не покажува сериозна желба да се закопаат воените секири. Принцот Хари, кој се „одметна“ од семејството уште кога се ожени за Американката Меган Маркл и кој го направи вистинскиот раздор во 2019 година, кога ја напушти Велика Британија, срамежливо напоменува дека сака повторно да најде заеднички јазик со својот татко, кралот Чарлс, но во практика не презема ништо за да го реализира тоа.
Но, според најновото ажурирање на операцијата „Менаи бриџ“, како што велат упатените, британскиот крал сака семејството да се помири, макар и по неговата смрт. Иако палатата не потврдува, според извори на „Телеграф“, тој во сценариото за својот погреб ги вклучил и Хари и неговата сопруга, Меган Маркл, како и нивните две деца – Арчи и Лилибет. Изворите на „Телеграф“ потврдиле дека навистина се во тек такви подготовки. Понатаму, весникот пишува дека Хари ќе има истакната улога во погребната поворка и дека ќе оди покрај својот брат, Вилијам, кој тогаш веќе ќе биде крал. Меган, пак, ќе присуствува на семејното бдеење покрај ковчегот на Чарлс и ќе има една од поважните улоги во текот на државната служба во Вестминстерската опатија.
Изворите велат дека во познатиот сплет на околности, ваквиот ангажман би бил повеќе од обична формалност. Тоа би требало да се сфати како лична порака дека кралот Чарлс сака да ги остави зад себе сите запалени мостови и да го отвори патот за помирување на синовите.