Според излезните анкети на агенцијата Пипос, „Самоопределување“ освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори во Косово денес – 44,1 процент, пренесе „Бета“.
На второ место е Демократската партија на Косово со 23,9 проценти од гласовите, додека на трето место е Демократската лига на Косово со 16,1 процент од гласовите.
На четврто место е „Алијансата за иднината на Косово“ со 5,8 проценти од гласовите, додека на петто место е Социјалдемократската иницијатива на Косово со 1,1 процент од гласовите.
Останатите партии заедно добија девет проценти од гласовите, според излезните анкети презентирани вечерва на телевизијата Клан Косова“.
Според овие резултати, сите поголеми албански партии, освен Социјалдемократската иницијатива, го поминаа изборниот праг од пет проценти.
Излезната анкета, како што е наведено, беше спроведена на целата територија на Косово и маргината на грешка е плус или минус три проценти.
Други телевизиски станици во Косово исто така објавија вакви анкети, но оние од Пипос и Клан Косова досега беа најточни.
На овие избори имаа право да гласаат 2.076.290 регистрирани гласачи, од кои 1.999.205 гласачи имаа право да гласаат на гласачките места во Косово, а 77.085 гласачи беа регистрирани да гласаат по пошта надвор од Косово (дијаспора).












