Фактори на ризик што го забрзуваат развојот на спондилозата се динамичниот начин на живот, недоволната физичка активност, лошото држење на телото, професиите што бараат долго седење (канцелариски работници, возачи, градежни работници), одморањето во неправилна положба и прекумерната тежина. Велат дека болките во ‘рбетот најчесто настануваат поради товарот што доаѓа со годините

Долгото и неправилно седење пред компјутер, дома или на работното место, често предизвикува болка во грбот. Оваа болка е еден од најчестите здравствени проблеми и нема човек што не се пожалил од неа.

Спондилозата е дегенеративно заболување на ‘рбетниот столб и најчестото се јавува кај луѓето што долго време седат. ‘Рбетот е составен од прешлени што се меѓусебно поврзани со зглобови, а разделени се со меки дискови. Оваа целина го прави ‘рбетот флексибилен и приспособлив, а прешлените и меките делови се еден вид стабилизатори што ги апсорбираат стресот и вибрациите што се формираат кога се движи човекот.

Фактори на ризик што го забрзуваат развојот на спондилозата се динамичниот начин на живот, недоволната физичка активност, лошото држење на телото, професиите што бараат долго седење (канцелариски работници, возачи, градежни работници), одморањето во неправилна положба и прекумерната тежина. Велат дека болките во ‘рбетот најчесто настануваат поради товарот што доаѓа со годините.

Спондилозата што го зафаќа вратниот дел од ‘рбетниот столб најчесто се јавува по триесеттата година, додека лумбалната спондилоза по четириесеттата година. Најчеста најава за оваа болест се болките во вратот, грбот или во нозете. Дегенеративниот процес започнува во меѓупрешленските дискуси, кои постепено ја губат водата во себе, односно дехидрираат. Кај новороденчињата, процентот на вода во дискусите изнесува околу 88 %, додека кај просечен возрасен човек се намалува до 70 %. Губејќи ја водата, дискусот ја губи еластичноста и е подложен на изместување на своето лежиште.

Кај народот, честа појава се и таканаречените шилци, кои се последица на промените на коските. Процесот на стареење не ги изостава ниту прешлените, тие ја губат својата форма и својата функција. ‘Рскавицата станува сѐ потврда, а дисковите се стврднуваат и смалуваат. Како што се намалува овој простор, така коскената маса го исполнува новосоздадениот простор и го исполнува со создавање израстоци наречени коскени шилци, кои немаат заштитна ‘рскавица. Се среќаваат кај повозрасните луѓе, но може и да се појават кај лица што се изложени на континуирано оптоварување на ‘рбетниот столб.

За болката да не се појави повторно, треба да живеете квалитетно, да го држите телото правилно, да правите физикална терапија три-четири пати годишно, да спортувате, да ги зајакнете мускулите на грбот и околу ‘рбетот и периодична физикална терапија.

За оние што имаат тешка физичка работа се препорачува да користат заштитни фиксатори за ‘рбетниот столб и да избегнуваат долго седење. Како што споменавме, мора да внимавате и на телесната тежина, која треба да е во нормала и да носите удобни обувки. Само на овој начин ќе спречите многу штетни и непосакувани последици.

(Авторот е специјалист по здравствен фитнес, Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ ГОСТИВАР)

ИЗДВОЕНИ