ОДБЕЛЕЖАНИ 24 ГОДИНИ ОД ХЕРОЈСКАТА ЖРТВА |
Со полагање на букети цвеќе пред спомен – обележјата денеска во скопската општина Ѓорче Петров беа одбележани 24 години од херојската жртва на деветтемина бранители кои во 2001 година ги положија своите животи кај Љуботенски Бачила, бранејќи ја слободата и независноста на Македонија. Во присуство на семејствата на загинатите, претставници на државни институции, локалната самоуправа, армиски и безбедносни структури, граѓани и соработници, беше оддадена почит на спомен-обележјата на Томислав Настевски во Ѓорче Петров, на Споменикот на бранителите во реонскиот парк и на Споменикот на хероите во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
-Споменот на хероите не смее да избледи, а нивната жртва мора да остане длабоко врежана во нашата национална свест – порача на централниот настан градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Во име на Владата почитта ја одаде министерот за правда Игор Филков.
-Љуботен е болно потсетување, наша обврска е да паметиме, сочувствуваме и да да создаваме општество во кое вакви трагедии никогаш повеќе нема да се повторат – рече Филков.