Екипи од Клиниката за пулмологија втор ден им вршат спирометрија, ЕКГ и други испитувања на жителите на Трубарево каде неодамна беше опожарен објект за опасен електронски отпад. Скринингот ќе го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат тешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта. Во меѓувреме, аеродромци, обединети во граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, продолжуваат со протестите кај мостот „Близнак“ и како што најавија, не се откажуваат сè додека надлежните не преземат конкретни мерки

 

По неодамнешниот пожар во објект за електронски отпад, екипи од Клиниката за пулмологија втор ден им вршат спирометрија, ЕКГ и други испитувања на жителите на Трубарево.

Скринингот го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат тешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта – појасни министерот Алиу во најавата дека во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, организира дводневен скрининг на населението во Трубарево. Директорот на Клиниката, д-р Оливер Зафировски, рече дека скринингот ќе опфати комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.

– Нашата цел е да обезбедиме врвна здравствена грижа за сите граѓани. Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на самото место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија – појасни министерот Алиу.

Со оваа акција, како што посочи министерот, се овозможува навремено детектирање евентуални симптоми кај населението, со цел обезбедување на потребната здравствена заштита. Зафировски рече дека била започната една убава акција и оти здравјето на граѓаните е пред сѐ.

Во меѓувреме, аеродромци, обединети во граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, продолжуваат со протестите кај мостот „Близнак“ и како што најавија, не се откажуваат сè додека надлежните не преземат конкретни мерки. Се пожалија дека повторно чувствуваат непријатен мирис на запалено. Неодамна поднесоа итни барања до надлежните институции: воспоставување 24-часовен јавнодостапен видеонадзор на поранешната депонијата „Вардариште“, како и нејзино 24-часовно физичко обезбедување, итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на „Вардариште“, поставување ограда околу депонијата,  започнување процес за нејзино конечно затворање, откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите и ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во „Вардариште“.

Доколку не започне исполнувањето на овие итни барања заклучно со четврток, 25 септември 2025 година, од „Стоп за Вардариште“ се заканија дека ќе бидат принудени да го прошират опфатот и да го засилат интензитетот на протестите и блокадите на многу повисоко ниво.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека денеска до 12:00 часот, на територијата на државата имало вкупно девет пожари на отворен простор, од кои четири се активни и исто толку се под контрола. Додека еден пожар бил изгаснат.

Активни се пожарите над село Бенче на планината Добра Вода – Општина Македонски Брод, каде горат дабова шума и папрат, во селата Малино и Танушевци – Општина Чучер Сандево, каде гори мешана шума, потоа во селото Гошинце – Општина  Липково, каде гори шума и во селото Ропотово – Општина Долнени, каде гори ниска вегетација.

Под контрола се пожарите на Кожуф планина – Општина Гевгелија, каде гори букова шума, во селото Виниче, место викано Муратица – Општина Гази Баба, каде гори нискостеблеста шума, во селото Батинци – Општина Студеничани, каде гори ниска вегетација и мешана шума  и на градската депонија „Острец“– Општина Делчево. Инаку,  изгаснат е пожарот во населбата Циглана – Општина Гостивар.

Романската „Роаид“ ќе донира возило за гаснење на шумски пожари

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, кој престојува во Романија, потпиша договор за донација на специјализирано возило наменето за зајакнување на капацитетите на ДЗС во справување со шумски пожари.

– Оваа донација претставува значаен придонес во унапредувањето на оперативната подготвеност и потврда за континуираната поддршка од страна на „Роаид“ (RoAid). Почнувајќи од 2021 година, „Роаид“ е докажан и доверлив партнер на ДЗС со веќе реализирани донации на теренско возило (ATV) и радиокомуникациска опрема – соопштија од ДЗС.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ