Македонското Собрание планира да донесе нови решенија во Изборниот законик, но дилемата е само дали да се усвои целосно нов законик или да се вршат парцијални промени во постојното законско решение. Ова, на вчерашниот брифинг со новинарите, го кажа собранискиот претседател, Африм Гаши, по одржаната средба со координаторите на пратеничките групи во македонскиот Парламент. Донесувањето на овој законик, но и на повеќе други закони, е важно заради исполнување на реформската агенда определена со ЕУ.
– Со пратеничките координатори се договоривме да започне процесот. Според реформската агенда, Министерството за правда треба да предложи нов изборен законик. Но, дилемата е само една: да не влеземе ние во процес на формирање работна група во Парламентот и да работиме на измена на актуелниот Законик, а во меѓувреме да ни дојде нов изборен законик од страна на Владата. Затоа побаравме мислење од претставникот на Владата, кој беше на координацијата, да ни достави информација до каде е подготовката на новиот изборен законик. Врз основа на тоа ние ќе решиме дали ќе чекаме да дојде новиот изборен законик или ќе формираме работна група што ќе работи на актуелниот Изборен законик – објасни Гаши.
Од Министерството за правда, вчера, изјавија за весникот ВЕЧЕР дека се подготвени веднаш да ја достават информацијата до Собранието.
-Измените на Изборниот законик беа изготвени во јуни 2025 година. На 29 август 2025, ОДИХР даде мислење за предложените измени, врз основа на забелешките од изборите во 2024 година. Изборниот законик е законско решение што од моментот на неговото донесување, заклучно со овие избори, има претрпено околу 40-ина измени, кои, поради нивниот парцијален пристап, создаваат неконзистентност на целиот закон. Сите досегашни измени на Изборниот законик се направени преку групи пратеници во Собранието, а сите обиди за целосна негова ревизија завршија неуспешно. Затоа сметаме дека е време за нов изборен законик во кој ќе бидат вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР – изјави министерот Игор Филков за весникот ВЕЧЕР.
Со измените на Изборниот законик или со новото законско решение треба да се надминат сите проблеми што се евидентирани досега во изборните процеси, без разлика дали се работи за парламентарни, претседателски или за локални избори. Препораките на ОБСЕ, начинот на финансирање на кампањата, начинот на кандидирање независни кандидати, цензусите, предвремената кампања, но и темите како изборниот модел или организирањето во една изборна единица се прашањата во врска со изборите што треба да бидат опфатени. По ланските парламентарни избори, меѓународните набљудувачи имаа сериозни забелешки поради тоа што во Изборниот законик не биле вградени бројните промени што ги предложи посебната работна група предводена од поранешниот претседател на ДИК, Александар Николовски. Предлогот постојното партиско рекламирање во медиумите да се плаќа со државни пари беше еден од клучните делови што треба да бидат променети. Новите предлози се однесуваа и на рестрикции во изборниот процес за одобрување инфраструктурни проекти, водоводи, спортски игралишта, забрани за субвенции, еднократни исплати, како и за вработувања и исплати кон граѓански здруженија и други правни и физички лица, регулирање на порталите во однос на нивната регистрација – најмалку една година пред изборите, измени околу Управниот суд за заштита на избирачкото право… Од друга страна, Гаши најави дека доколку наскоро биде доставен, новиот кривичен законик ќе биде донесен до 26 декември, како што бара Уставниот суд. Со тоа би требало да се спречи најавата од уставните судии дека на тој ден ќе ги укинат или поништат оспорените измени во КЗ со кои претходната Влада значително ги намали казните за злоупотреба на службената положба. Претходно, Уставниот суд му даде на Собранието шестмесечен рок да ги смени спорните решенија.
– Ако Владата ни го достави новиот кривичен законик, а што ни се најавува, ние можеме да ги донесеме до најавениот рок – рече Гаши. (Б. Ѓ.)
Не се знае дали има Бадентерово мнозинство за системските закони
– Не можам да тврдам дека во Собранието има обезбедено Бадентерово мнозинство за изгласување на законите од областа на правосудството – рече вчера спикерот Гаши.
Тој рече дека предлозите на законите од реформската агенда, но и други системски закони, веднаш ќе бидат ставени на седница за усвојување.
– Откако ќе ги добиеме на координација, може да направиме динамика на усвојување. Но, не можам да тврдам дека ќе има Бадентерово мнозинство. Немам комуникација околу тоа со партиите – рече тој.












