До Собранието се испратени измените во Кривичниот законик кои треба да ги добиеме и да ги ставиме во процедура за усвојување, најави денеска собранискиот спикер Африм Гаши. На брифингот со новинарите, тој рече дека измените се очекуваат во текот на денешните попладневни часови, а веднаш потоа нивната содржина треба да биде објавена и на собраниската веб-страница.
– Од Владата добивме најава дека ќе ни испратат измени во Кривичниот законик. Ако стигнат во текот на денот, можно е да се најдат на претстојната седница, но околу тоа ќе треба да разговараме со координаторите на пратеничките групи – рече Гаши.
Според очекувањата, најверојатно се работи за измените на спорниот член 353, кој за време на претходната Влада беше променет и со чие ублажување се предизвика намалување на казните и ослободување од гонење на бројни сторители на кривични дела поврзани со злоупотребите на службената должност и овластување. Уставниот суд, кој неодамна предупреди дека доколку до крајот на годинава не се уреди членот 353 и биде изгласан во парламентот, ќе го укине или ќе го поништи тој член, по што ќе настане правна празнина и неказнивост на кривичните дела поврзани со злоупотребата на службената должност. На новинарското прашање дали Собранието ќе може да ги изгласа измените, Гаши рече дека е „оптимист дека тие може да се изгласаат“.
Тој не рече кога може да се очекува предлогот на целосно новиот Кривичен законик на кој работеше Министерството за правда и е влезен во владината процедура. На новинарското прашање колку од предлозите на законите врзани со реформската агенда се доставени до Собранието, Гаши одговори дека добиле само два.
– Добиени се законот за Судски совет и измени и дополни во Законот за јавни патишта – рече Гаши. (Б. Ѓ.)












