Со ова трето издание по ред на „Carols by Candlelight“, „Експо сити Дубаи“ ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани, а учеството и креативниот придонес на Џијан Емин претставуваат значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа. За весникот ВЕЧЕР, Џијан Емин откри дека соработувал со продуцентот Мет Феди и за музичката подлога за најголемиот огномет што се случи во Дубаи во 2016 година, на отворањето на „Бурџ халифа“, највисоката зграда во Дубаи, како и за музиката за националната химна на Обединетите Арапски Емирати и за шоуто со 8.000 дрона во Саудиска Арабија
Десетте распродадени празнични концерти што се одвиваа од 20 до 24 декември под магичната купола на „Ал Васл плаза“ во „Експо сити Дубаи“, ја потврдија моќта на музиката како универзален празничен јазик, а значењето е толку поголемо што музичкиот потпис е на познатиот македонски мултимедијален уметник, музичар, диригент и композитор Џијан Емин. Тој ги подготви оркестрациите и аранжманите за ова спектакуларното новогодишно шоу, создавајќи уште една музичка магија во која уживаше светот.

– Оваа соработка со „Експо сити Дубаи“ не е прва. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Тогаш и јас бев присутен на шоуто. Оваа година целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар составен од музичари од повеќе земји. Ова е уште еден плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди од Англија, кој веќе 15 години живее и работи во Дубаи. Интересот на публиката да присуствува на ова новогодишно шоу секоја година расте. Пред две години беа одржани седум настани, а овој пат десет, иако имаше интерес од публиката за повеќе – изјави Џијан Емин за весникот ВЕЧЕР.
Неговата соработка со Феди беше плодна и во изминатите години, па така, за весникот ВЕЧЕР, Џијан Емин откри дека соработувал со Мет Феди и за музичката подлога за најголемиот огномет што се случи во Дубаи во 2016 година, на отворањето на „Бурџ халифа“, највисоката зграда во Дубаи, како и за музиката за националната химна на Обединетите Арапски Емирати и за шоуто со 8.000 дрона во Саудиска Арабија.

Инаку, под магичната купола на „Ал Васл плаза“ во „Експо сити Дубаи“, на 20 декември 2025 година се одржа спектакуларното новогодишно празнично шоу „Carols by Candlelight“, еден од најочекуваните празнични културни настани во официјалната програма на „Експо сити“. Концертите почнуваа во 18:30 часот, а во рамките на проектот беа реализирани десет изведби, кои им донесоа радост, топлина и празнична магија на посетителите од сите возрасти.
Настанот се одвиваше на уникатната локација, каде што публиката беше опкружена со импресивни 360 степени божиќни проекции, сценски ефекти и со внимателно осмислена визуелна нарација.

Мултимедијалниот спектакл беше збогатен со празнично пеење, танцови точки и со живописно сценско појавување, вклучувајќи ги и изненадувачките настапи на Дедо Мраз и на Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засили празничната атмосфера, особено кај најмладите посетители.
На сцената настапи симфонискиот оркестар „Фирдаус“ од Дубаи, под диригентската палка на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчарска група и ансамбл од музичари, кои заеднички создадоа впечатливо концертно искуство со интерпретацијата на познати празнични и новогодишни композиции.
Авторскиот пристап во аранжманите и во оркестрациите за концертот што ги потпишува Џијан Емин ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.

Продуцентот Мет Феди, пред преселбата во Дубаи, имаше богато меѓународно искуство, работејќи со музички имиња од светски калибар како Ени Ленокс, Стинг, Суперграс, како и со бројни други интернационално реномирани артисти, што му дава на проектот „Carols by Candlelight“ дополнителна уметничка и продукциска тежина.
Со ова трето издание по ред на „Carols by Candlelight“, „Експо сити Дубаи“ ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани, а учеството и креативниот придонес на Џијан Емин претставуваат значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа. (Д. Т.)
Фото: Принтскрин












