Возилата се преку проектот WILD-A, со што се зајакнуваат мерките за противпожарна заштита со набавка на специјализирани возила и опрема, вклучително и противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани пумпи, возило за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари (багер со лопата), оптички систем за надзор со долг дострел, како и опрема за мали инфраструктурни интервенции. Како дел од активностите се предвидува и обезбедување научна експертиза, спроведување истражувања за мерките за заштита од пожари и поддршка на кампањите за подигање на јавната свест
Пожарите, кои оставаат пустош зад себе, како што беше минатото лето, предизвикуваат не само големи економски туку и еколошки штети. Во пожарите настрада и повеќенаменското подрачје Јасен, кое во август лани гореше повеќе од десет дена.
Токму затоа е потребно навреме да се превенира за да се намалат можните последици.
Во таа насока е и проектот WILD-A – Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени што се спроведува во рамките на првиот повик од ИПА III – Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, како соработка меѓу четири организации од двете земји. Партнери од македонска страна се ЈПУЗПП „Јасен“ и Балканската фондација за одржлив развој. Вкупниот буџет за македонските партнери изнесува 458.370 евра, од кои 91.674 евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
Преку проектот во областа Јасен се зајакнуваат мерките за противпожарна заштита со набавка на специјализирани возила и опрема, вклучително и противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани пумпи, возило за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари (багер со лопата), оптички систем за надзор со долг дострел, како и опрема за мали инфраструктурни интервенции. Како дел од активностите се предвидува и обезбедување научна експертиза, спроведување истражувања за мерките за заштита од пожари и поддршка на кампањите за подигање на јавната свест.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје Јасен – Скопје, Ангеле Сотировски, денеска извршија увид во активностите на овој проект и присуствуваа на примопредавањето на возилата и на опремата.
– Пожарите, особено во летниот период, кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во Јасен, предизвикуваат големи еколошки и економски штети. Наша обврска е навремено да инвестираме во превенцијата и во подготвеноста да спречиме вакви штети, а не само да ги санираме – посочи Перински.
Димовски истакна дека проектот е насочен кон превенција од шумски пожари и заштита на биодиверзитетот во две високоризични подрачја – приградската борова шума во Едеса, Република Грција, и повеќенаменската природна заштитена област Јасен во Македонија.
Директорот на „Јасен“, Ангеле Сотировски, додаде дека со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, не само што се намалуваат ризиците од шумски пожари туку и се поттикнуваат интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница.
Шумските пожари се сè поголем предизвик во услови на климатски промени, а овој проект носи конкретни решенија за превенција, рана детекција и заштита на биодиверзитетот.












