Спасовски: Македонија не смее да прифати мигранти кои не може да ги врати никаде

107

Македонија не смее да стане земја која ќе спроведува постапки за азил за друга држава, а притоа да ѝ остануваат мигранти што нема да може да ги врати во земјите на потекло, изјави пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски, во емисијата „Трилинг“ на 24 Телевизија.

Спасовски предупреди дека актуелните разговори за евентуално сместување мигранти во Македонија носат сериозни ризици, пред се безбедносни.

„Државата не е подготвена за постапки со мигранти кои би аплицирале за азил во Велика Британија, бидејќи Македонија нема склучено реадмисиони договори со земјите на потекло. Дел од тие мигранти би останале на територијата без можност за нивно враќање“, истакна Спасовски.

Говорејќи за безбедносните ризици, тој посочи дека во средата навечер во транзитниот центар во Табановце една група на египетски мигранти го имаат демолирано целиот камп, што ја нагласува потребата процесите да се водат транспарентно и одговорно.

Во однос на политичките изјави, Спасовски се осврна на ставот на премиерот Мицскоски дека ‘додека е премиер, нема да има бегалски кампови’, посочувајќи дека иако можеби нема класични кампови, можни се бегалски населби со мигранти.

„Не можеме да бидеме земја што ќе спроведува азил за друга држава, а притоа да ни остануваат мигранти што нема да можеме да ги вратиме назад“, заклучи Спасовски.

Тој потсети дека прифатните центри „Винојуг“ во Гевгелија и Табановце функционираат од 2015 година, по што бил изменет Законот за странци и бил воведен рок од 72 часа за транзит. Во тој контекст, Спасовски ги демантираше тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека во 2018 година биле договарани прифатни центри за мигранти.

ИЗДВОЕНИ