Дел од дрвјата што требаше да се исечат во Градскиот парк ќе бидат само кастрени за да се даде можност да се спасат, додека дел се целосно тргнати од планот за интервенција. Ова е епилогот од вчерашната обиколка на дрвјата во Градскиот парк за кои првично имаше издадено решение за сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје. Оваа обиколка беше на иницијатива од „Зелен хуман град“, од каде што обелоденија дека се одобрува сечење на 113 дрвја.
– Целта на обиколката беше отворено запознавање на сите граѓани со состојбата на обележаните дрвја, дали и колку навистина е потребна интервенција врз нив. За жал, поголем дел од обележаните дрвја навистина беа суви и гнили поради децениската негрижа, лошото планирање или едноставно, акумулирањето на повеќе фактори на стрес и затоа мора да бидат отстранети – констатираат од „Зелен хуман град“.
Заедно со надлежните и со граѓаните што биле присутни, биле договорени дополнителни активности, меѓу кои: сите заинтересирани граѓани што сакаат, да можат да поминат еден или повеќе работни денови со вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ и волонтерски да ја следат нивната работа, за што „Зелен хуман град“ ќе објави јавен повик на кој ќе може да се пријави секој, да се испита можноста за поставување табли на влезовите од парковите, со предупредување дека „посетителот го презема ризикот за можна штета од зеленилото“. Притоа, присутните граѓани предложиле на овој начин да се дозволи дел од дрвјата кај кои е можно тоа – сами да закрепнат.
Потоа да се иницира садење нови 3.000 дрвја што се стари најмалку шест години, на територијата на паркот и на градот, дрвја што речиси веднаш ќе може да почнат да ги обезбедуваат екосистемските услуги, да се комплетира и редовно да се одржува Зелениот катастар, така секој граѓанин би имал увид во состојбата на зеленилото во Скопје.
– Во комбинација со јавно објавените решенија за интервенција врз зеленилото, секој што сака ќе може веднаш да процени дали навистина има потреба од интервенција кај одредено дрво – сметаат од „Зелен хуман град“.
Од „Зелен хуман град“ се задоволни од договореното и информираа дека претставниците од Секторот за комунални работи на Град Скопје, од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет неколку часа одговарале на поставените прашања од група од четириесетина загрижени граѓани.
Оттаму велат дека главното прашање што останува да биде одговорено е: Што може да се прави сега за да се заштити останатото зеленило во една од последните скопски оази?
– Во решението се налага да се насадат нови 303 дрвја онаму каде што ќе се сече и да се постари тие од шест години, но останува фактот дека ЈП „Паркови и зеленило“ не располага ниту со доволно буџет ниту со доволно кадар за да може редовно да ги негува дрвјата и превентивно да дејствува во ситуации кога е потребно лекување – констатираат од „Зелен хуман град“.
Оттаму наведуваат дека градските јавни претпријатија мора да имаат доволно стручен кадар, не смее да имаат вработени што не се појавуваат на работа и мора да имаат доволно буџет за да ги обезбедуваат, непречено и квалитетно, јавните услуги што им се во надлежност. Тие сметаат дека е најважно да не се дозволи да бидат уценувани од партиски раководни лица и да бидат принудувани стручните вработени да постапуваат спротивно на начелата на струката.
(А. П.)