Песната „Ќе ти дојдам вечер“ стана мегахит и надвор од Македонија, а ја пее Спасен Силјаноски. Тој, деновиве, гламурозно (со огномет, прскалки, торта, богата софра и музика…), го прослави роденденот, но не кажува кој му е по ред. Не е ни толку важно. Годините, и онака, се само бројка. Љубителите на македонската фолк-музика и без таа информација му испратија грст честитки, со заедничка порака: „Ти си нашиот супермен – херојот во нашето секојдневие. Столб си на семејството и човек со големо срце. Ти посакуваме здравје, среќа и исполнети соништа…“
Кариерата на Спасен започна со неговиот прв хит „На свадба ме канат“, песна со која ја освои публиката и во македонската дијаспора, каде што често го канат на гостување и каде што ги полни салите и рестораните. Оттогаш Силјаноски не престанува да ја гради својата кариера, да снима убави песни, хитови и да настапува пред голем број обожаватели.
Тој посебен ден за него, неговиот роденден, не беше само ден за славје – туку и ден за македонската народна музика. (Д. М.)












