Спасен параглајдерист кој паднал на карпест и недостапен терен на Галичица

38

Екипа на Планинската спасителна служба со седиште во Охрид евакуирала параглајдерист од Германија, кој од неутврдени причини паднал од поголема височина на исклучително непристапен и карпест терен на падините на планината Галичица.

Како што соопштуваат од Службата, тие вчера попладнето околу 18:30 часот примиле повик од група параглајдеристи кои ги информирале за незгодата и побарале помош.

Во тој момент тројца спасители на Планинската спасителна служба се наоѓале во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на службата, со специјализирана техничка опрема за интервенции во таков регион.

Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигнала до местото на несреќата, извршила имобилизација на повредениот, по што отпочнал комплексен транспорт на повредениот по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност било што активностите се одвивале во ноќни услови.

– По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Оттаму, тој веднаш беше пренесен во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на ’рбетот – информираат од Планинската спасителна служба.

Тие повторно апелираат до сите посетители на планината да бидат претпазливи и одговорно да уживаат во преубавиот есенски амбиент на Галичица.

ИЗДВОЕНИ