Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека на целиот Западен Балкан местото му е во Европската Унија и дека Црна Гора ќе биде членка на Унијата од 2028 година.
На социјалните мрежи синоќа тој изрази согласност со изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека влезот на Западен Балкан како целина во ЕУ е најдобрата идеја и изрази очекување дека Црна Гора ќе го постигне членството веќе во 2028 година.
„Се согласувам дека ЕУ треба да биде последната дестинација за целиот Западен Балкан. Сепак, ние ќе ве чекаме таму од 2028 година и ве охрабруваме навистина да побрзате и да ги забрзате другите кандидати од регионот“, напиша Спајиќ синоќа на мрежата X.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека најдобрата идеја би била сите кандидати од Западен Балкан да бидат примени заедно во ЕУ како полноправни членки, додавајќи дека тоа ќе го предложи на состанокот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ако прифатите еден, или двајца, или тројца од нас, што ќе правиме со останатите? Како ќе се справиме со тоа? Како ќе ги решиме сите отворени прашања?“, рече Вучиќ на панелот насловен како „Европска конкурентност во фрагментирана геополитичка средина“, како дел од форумот BELTALKS организиран од GLOBSEC.
Тој додаде дека станува збор за иднината на регионот, но и за иднината на Европа.












