понеделник, јануари 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Соѕидана правда во Македонија – 350 илјади евра бетонирани во ѕид

Соѕидана правда во Македонија – 350 илјади евра бетонирани во ѕид

Истрагата за висока корупција во правосудството се прошири од адвокат кон судија од Апелациониот суд во Скопје, по сомневања за трговија со влијание и незаконско стекнување имот. Во дом на родителите на осомничениот судија во Неготино, истражните органи пронајдоа 350 илјади евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Постапката е поврзана со апсењето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен дека примал пари за посредување кај судија во конкретен судски предмет. Според Обвинителството, парите биле наменети за влијание врз одлука на Апелациониот суд во случајот „Синџир“. Истрагата е поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност и ја спроведуваат повеќе институции. Случајот повторно ги отвори прашањата за корупцијата во судството и довербата на граѓаните во владеењето на правото  

45

Една од најсериозните истраги за висока корупција во македонското судство отвори шокантна слика за начинот на кој, според обвинителството, се прикривал незаконски стекнат имот. Во дом на родителите на судија од Апелациониот суд во Скопје, истражните органи пронајдоа 350 илјади евра скриени во соѕидан простор во ѕид, во рамки на опсежна постапка што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Неофицијално, станува збор за судијата Ѓоко Ристов, а предметот се поврзува со минатомесечното апсење на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа. Случајот, кој е поткрепен со информации од Агенцијата за национална безбедност и го следат повеќе институции, повторно ги отвори прашањата за корупцијата во правосудството, влијанијата во судските одлуки и довербата на граѓаните во системот на владеење на правото.

Како што соопшти Јавното обвинителство, во рамки на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември бил осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземале дејства што резултирале со проширување на постапката и кон судија од Апелациониот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејства на корупција и трговија со влијание.

– Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и ja обезбеди од надлежниот суд, денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде што соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејства продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката, се вели во соопштението.

Оттаму нагласуваат дека станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во Македонија досега, која, посочуваат, е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.

– Дејствата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесоа за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал, информира Јавното обвинителство.

За случајот информира и Министерството за внатрешни работи, од каде што наведуваат дека полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, а врз основа на издадена Наредба од судија на претходна постапка, извршиле претрес на дом и други простории на подрачје на Неготино, заради пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од сторени Кривични дела.

– При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Денешното постапување е како резултат на дејства преземени во рамките на опсежната истрага на ОЈО ГОКК откако на 14 декември 2025 беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание. Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Претресите и другите истражни дејства продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката, се вели во соопштението.

Управата за финансиска полиција го спровела претресот во текот на изминатиот викенд на локација во Неготино. Од Управата за финансиска полиција, информираат дека во рамки на своите законски надлежности, ги преземаат сите истражни дејства со висок степен на професионалност и законитост, во тесна и ефикасна соработка со надлежните институции и останува целосно посветена на борбата против корупцијата и организираниот криминал особено кога станува збор за сложени случаи што го нарушуваат владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите.

Постапката што доведе до претрес кај Апелациониот судија, претставува проширување на истрагата отворена во средината на декември, кога ОЈО за гонење организиран криминал и корупција го осомничи адвокатот и поранешен државен правобранител, Фехми Стафа, за примање награда за противзаконито влијание. Според обвинителството, Стафа во период од неколку месеци примил околу 50 илјади евра за да посредува кај судија од Апелациониот суд Скопје со цел да влијае врз судска одлука во предмет што го водел за свој клиент.

Стафа беше уапсен на 13 декември, веднаш по примањето на парите, кои му беа одземени, а како предмет на влијание бил случајот „Синџир“, во кој осомничен е Љупчо Пецов-Ѓаволот. Неколку дена подоцна, на 16 декември, Пецов, кој претходно беше во бегство, доброволно се пријави кај надлежните органи, по што Кривичниот суд му ја замени мерката притвор со куќен притвор, по предлог на Обвинителството и поради безбедносни процени. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ