Еден од најзначајните гудачки квартети на денешницата, „Модиљани“ од Франција, вчеравечер музицираше на „Охридско лето“, воодушевувајќи ја фестивалската публика со својата совршена изведба и со внимателно избраната програма.
На репертоарот беа гудачки квартети од композиторите Хоакин Турина, Морис Равел и Лудвиг ван Бетовен.
Концертот беше во рамките на Вечерта на Европската Унија, која се организира веќе осумнаесеттата година по ред на фестивалот, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во РС Македонија.
Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна дека преку оваа соработка македонските уметници се промовираат во светот, а најдобрите европски уметници се претставуваат пред овдешната публика.
– Навистина ми е многу мило што веќе 18 години го поддржуваме овој фестивал. Тоа е дел од нашата долгогодишна посветеност кон промовирање на музичките вредности. На тој начин се трудиме да ги промовираме македонските уметници во светот, но и обратно, да доведеме различни европски уметници тука. Морам да изразам огромна благодарност до директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, и до селекторката на музичката програма, Симона Ѓорчева, затоа што направија прекрасен избор со гудачкиот квартет „Модиљани“, кој го слушнавме во исклучителната атмосфера на црквата „Света Софија“, која претставува едно од бесценетите богатства на РС Македонија – рече заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Нупнау.
Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина. Во сезоната 2024/2025 година, овој гудачки состав е посветен на еден од најголемите потфати во својата кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година имаше турнеја во САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.