Инвестиција од над 200 милиони евра во здравството со британската поддршка |
Реализирани се 11 проекти за 11 месеци на Клиниката за детски болести во Скопје, беше кажано на денешната презентација на завршените проектни активности, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, директорот на клиниката Реџеп Мемеди и директорот на ФЗО Сашо Клековски.
Директорот Мемеди појасни дека се работи за значајни проекти, од кои дел се инфраструктурни и еден дел се набавка на современа медицинска апаратура, со кои значително ќе се унапредува квалитетот на здравствените услуги и ќе се подобри медицинска грижа за најмладите и најмалите пациенти.
– Овие проекти всушност се решенија на многуте проблеми и недостатоци, кои ги утврдивме на почетокот на мандатот јули – август минатата година. Вкупната вредност на овие 11 реализирани проекти изнесува околу 40 милиони денари, од кои 7,6 милиони денари се донации на медицинска опрема – информираше директорот.
Тој додаде дека овие резултати не би биле возможни без поддршката од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, Катедрата по педијатрија, медицинските тимови и тимот од администрацијата како и многубројните донатори со големо срце кои позитивно одговориле на повик да ја помагаат Клиниката за детски болести.
– Сметам дека сите ние имаме одговорност да ја чуваме, развиваме и унапредуваме оваа Клиника, бидејќи се работи за највредното што го имаме, а тоа е здравјето на нашите деца – истакна Мемеди.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство од реализираните проекти и кажа дека имале средба со министерот за здравство за идни проекти и најави инвестиција поголема од двесте милиони евра во здравството со британската поддршка.
– Тоа што го разговаравме во првата фаза е инвестиција што ќе биде поголема од двесте милиони евра, но, за тоа колку точно ќе биде, ќе треба процесот да отпочне, исто онака како што отпочна за пругата. Министерството за здравство треба да побара од Министерството за финансии да направи, условно кажано, тендер, со кој, финансиски институции и банки ќе изразат подготвеност и интерес, да го финансираат тој проект. Нормално, најдобрите услови што ќе бидат понудени, ние ќе ги прифатиме – појасни Мицкоски.
Тој подвлече дека во суштина, се опфаќало довршување на клиничката болница во Штип, изградба на Медицински факултет заедно со нов студентски дом од двесте легла, изградба на болницата во Кичево со здравствен дом и целосна реконструкција на клиничката болница во Тетово.
– Тоа е она што е во прва фаза. Имаме рамка, слободни средства, за да влеземе и во втора фаза, а тоа е оној голем и долговетуван клинички центар во Скопје – истакна тој.