Советот на јавни обвинители отвора постапка за навредите на Мицкоски кон Ристоска

34

Советот на јавни обвинители отвора постапка по известувањето на обвинителката Ленче Ристоска за премиерот Христијан Мицкоски, откако тој јавно ја нарече „медиокритет“ и дел од „клиентелистичко-политичка матрица“, а таа реагираше дека со ваквите изјави се врши притисок и се нарушува нејзината самостојност во работењето.

Претседателот на Советот Башким Бесими во кратка изјава за „Слободен печат“ потврдил дека денеска го примиле известувањето и ќе постапуваат според донесениот Правилник за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, односно ќе формираат Комисија која ќе треба да донесе заклучоци. Правилникот беше донесен во ноември минатата година и според него, доколку се утврди дека во одреден настан се исполнети законските елементи од битие на кривично дело, се поведува постапка пред надлежното обвинителство.

– Надворешно нарушување на самостојноста претставува секое постапување на лица надвор од јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители со кое се загрозува професионалниот интегритет на јавните обвинители и може да се оцени како нарушување на самостојно, одговорно, законито, непристрасно и објективно извршување на јавнообвинителската функција – се вели во Правилникот.

Советот формира комисија од тројца членови, која може да прибира податоци и информации за утврдување на околностите. Комисијата може да го викне обвинителот за да ги разјасни наводите и може да побара од Мицкоски писмено или усно да се произнесе.

Мицкоски во видео интервју за порталот „Вечер.мк“ ја критикува Ристоска дека таа била најгласна за новите измени на Кривичниот законик.

– Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротиставени странки во процесот…

На ова новинарката коментира „клиентелистичко-политички“, а Мицкоски вели: „Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа“.

Ристоска побара и јавно извинување од премиерот за навредите и професионалните дисквалификации за нејзе, но засега нема одговор од Владата дали премиерот јавно ќе ѝ се извини.

Мицкоски, но и ВМРО-ДПМНЕ на брифинзи и во партиски соопштенија постојано ја навредуваат Ристоска дека земала многу голема плата, дека била „пропадната ѕвезда на СЈО“, дека земала бонуси. Таа на сè јавно реагираше и најави тужба за клевета за партијата. Причината зад сите овие напади ги толкува како притисок врз неа откако не даде одобрение да се одмрзне имотот на партијата во судските случаи под кодно име „Талир“, кои уште се судат пред Кривичниот суд.

ИЗДВОЕНИ