Поранешниот украински политичар Андриј Портнов, некогаш близок соработник на прорускиот поранешен претседател Виктор Јанукович, е застрелан пред училиште во близина на шпанската престолнина Мадрид, потврди извор од шпанската национална полиција за „Си-ен-ен“.
Портнов (51), адвокат и поранешен пратеник, беше заменик-шеф на претседателската администрација за време на владеењето на Јанукович, кое беше соборено за време на продемократските протести во Украина во 2014 година.
„Скај њуз“ објави дека Портнов ги носел своите деца во Американското училиште во Мадрид кога бил убиен. Тој бил застрелан од повеќе напаѓачи, застрелан во грбот и главата, а осомничените потоа избегале во блиската шума. Пукањето се случило пред училиште во богато предградие западно од градот.
Училиштето веднаш испрати итни известувања до родителите по инцидентот, велејќи дека сите ученици се безбедни. Извор близок до училиштето изјави за CNN дека се верува дека Портнов е татко на еден ученик. Полицијата ја опколи областа пред елитното училиште, кое го посетуваат нешто повеќе од илјада ученици од САД, Шпанија и десетици други земји.
Портнов е под санкции на САД од 2021 година за корупција и поткуп според таканаречениот Закон Магнитски. Според Министерството за финансии на САД, тој е „веродостојно обвинет за користење на своето влијание за купување пристап до правда и судски одлуки во Украина и за поткопување на реформите“.
Законот Магнитски, кој беше донесен во САД во 2012 година, забранува влез во земјата и ги замрзнува средствата на функционерите и бизнисмените од Русија и проруските кругови обвинети за кршење на човековите права. Украинската безбедносна служба претходно го истражуваше Портнов за неговата можна улога во анексијата на Крим од страна на Русија, но случајот подоцна беше затворен.
Портнов ја напуштил Украина неколку месеци по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, и покрај полицискиот час за мажи на возраст за воена служба, откри истрага на Радио Слободна Европа/Радио Либерти. Уште во 2014 година, Канада ги замрзнала неговите средства како дел од мерките против „корумпирани странски службеници“, наведувајќи ја неговата тогашна советничка функција кај Јанукович.
Во 2010 година, Портнов бил назначен за заменик-шеф на претседателската администрација и раководител на Главната администрација за судска реформа и судски систем. Во исто време, тој бил член на одборот на Националната банка на Украина.
Јанукович беше соборен од власт во 2014 година по масовните проевропски протести, познати како Мајдан, кога одбил да потпише договор со Европската Унија и се свртел кон Русија. Јанукович побегнал во Русија кратко потоа, заедно со Портнов и неколку други високи функционери. Портнов се вратил во Украина во 2019 година. Украина никогаш не вовела санкции против Портнов.