Советничката група на Левица во Советот на Општина Центар побара вонредна седница на Советот, поради сериозните информации за активирано лизгање на земјиштето на падините на Водно, непосредно над населените делови на општината.
Оттаму сметаат дека јавноста има право да знае што точно се случува, кои мерки се преземаат и дали причините за оваа појава се поврзани со долгогодишното и неконтролирано градење на ридот.
– Од градоначалникот и од надлежните очекуваме итен и одговорен одѕив, затоа што станува збор за потенцијален ризик кој директно влијае врз безбедноста на граѓаните. Потребно е да се утврди не само моменталната состојба на теренот туку и пошироката слика – дали постојните градежни активности, прекумерната сеча, недоволната дренажа и оптоварувањето на падините придонеле за појавата на свлечиштето – реагираат од советничката група.
За нив, од особено значење е да се добие прецизна информација колку активни градежни маркици сѐ уште постојат на овој потег, кои инвеститори стојат зад нив и дали воопшто е дозволиво продолжување на какви било активности без претходна ревизија.
– Овој рид веќе со години е жртва на алчни урбанистички политики креирани според интересите на градежното лоби, а не според јавниот интерес и безбедноста на жителите – нагласуваат од Советничката група на Левица.
Инсистираат на транспарентност, одговорност и на итна интервенција.
– Безбедноста на граѓаните мора да биде над сите други интереси – децидни се од советничката група на Левица.
Од Општина Центар велат дека во текот на вчерашниот ден, во ЦУК се одржал состанок со сите релевантни институции, на кој биле донесени заеднички заклучоци. Тие од страна на ЦУК биле доставени до Владата на РСМ на понатамошно разгледување, па поради тоа, сметаат дека во овој момент нема причина за одржување вонредна седница на Советот, сѐ додека Владата не ги разгледа заклучоците и не го достави своето мислење.












