Рамениот зглоб е најподвижниот зглоб во човечкото тело. Благодарение на својата анатомија, овозможува голем опсег на движења. Но токму оваа подвижност го прави подложен на повреди, воспалителни процеси и на дегенеративни заболувања. Болките во рамото може да бидат резултат на акутна повреда, хронично преоптоварување, промени во зглобната `рскавица или заболувања што потекнуваат од соседните делови (врат, ’рбет).
Кои се најчестите причини за болка во рамото?
Најчести причини за болка во рамото се ротаторната манжетна, бурситисот, импинџмент синдромот, замрзнатото рамо и артритисот.
Дали сите болки во рамото бараат снимање?
Не секогаш. Но, ако трае повеќе од две недели, болката го ограничува движењето или е придружена со слабост и тогаш се препорачува ултразвук или рендген.
Кога е потребно МРИ на рамото?
Кога постои сомневање за кинење на тетивите, за лабрални повреди или кога конзервативниот третман не дава резултат.
Колку време трае закрепнувањето?
Благите воспалителни состојби се подобруваат за две до шест недели. Хируршките случаи бараат месеци и систематска рехабилитација.
Дали постои превентивна вежба за рамото?
Да, редовните вежби за јакнење на ротаторната манжетна и за истегнување на пекторалните мускули ја намалуваат шансата за повреда.
Дополнителни симптоми:
– вкочанетост и ограничен обем на движење;
– слабост при подигање предмети;
– крцкање или чувство на закоченост при движење;
– оток или видлива деформација при повреди.
Причини за болка во рамото
- 1. Воспалителни и преоптоварувачки состојби
Тендинитис – воспаление на тетивите од ротаторната манжетна или бицепсот; често кај спортистите (тенис, пливање) и кај лицата со повторливо движење над главата.
Бурситис – воспаление на бурзата (мала кесичка со течност што го намалува триењето); предизвикува оток, болка и топлина.
Калцифицирачки тендинитис – таложење калциум во тетивите, со интензивна, често ноќна болка.
Повреди
Истегнување и кинење – настануваат при спортски активности или при несреќи; кинење на ротаторната манжетна предизвикува слабост и неможност за подигање на раката.
Луксација на рамото – дислокација на главата на хумерусот од зглобната чашка, состојба што бара итен третман.
Фрактури – на клучната коска или хумерусот, често по пад или директен удар.
Дегенеративни заболувања
Артритис на рамото – постепено оштетување на зглобната `рскавица со болка, вкочанетост и со намалена подвижност.
Остеоартритис – најчесто кај постарите лица, резултат на хронично трошење на зглобот.
Специфични синдроми
Импинџмент синдром – тетивите се „закачуваат“ меѓу коскените структури при подигање на раката, со болка и со ограничување.
Замрзнато рамо (адхезивен капсулит) – постепена вкочанетост со значително намален опсег на движење; често поврзано со дијабетес или со долготрајна имобилизација.
Невролошки и референтни причини
Цервикален синдром – дегенеративните промени во вратниот ’рбет може да предизвикаат болка што се чувствува во рамото.
Нервна компресија – при хернија на диск или при неправилнo телеснo држање.
Системски заболувања
Ревматоиден артритис, инфекции или метаболички болести може да го зафатат рамото и да предизвикаат хронична болка.
Кога бараат болките во рамото итна медицинска помош?
Обратете се веднаш: ако имате ненадејна, силна болка по повреда, ако изгледа рамото деформирано или не може да ја помрднете раката,
ако е придружена болката со трпнење или со губење на силата,
ако постои нагол оток или црвенило, ноќната болка е толку интензивна што ве буди постојано.
Третман на болките во рамото:
Конзервативен пристап
Одмор – избегнување активности што ја провоцираат болката.
Ледени облоги – во акутна фаза за намалување на воспалението.
Физиотерапија – клучна за закрепнување; вежби за истегнување и за јакнење на мускулите околу рамото.
Медикаментозен третман – аналгетици и нестероидни противвоспалителни лекови.
Инјекции – локални кортикостероидни апликации за намалување на хроничното воспаление.
Напредни методи
Артроскопија – минимално инвазивна процедура за третман при импинџмент, лабрални повреди или кинење.
Хируршка реконструкција – при сериозно кинење на ротаторната манжетна.
Ендопротеза на рамото – замена на зглобот кај напреднат артритис, со значителна болка и ограничување.
(Авторот е специјалист по здравствен фитнес,
Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ)












